Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Мартин Костадиновски, Христина Стојмановска и Марко Краљевски, ученици од Гимназијата „Гоце Делчев“, освоија второ место на државниот натпревар „Пи ден“ по математика, кој традиционално се одржува по повод 14 март – Меѓународниот ден на математиката.
Натпреварот, кој се организира по шести пат, е во надлежност на Сојузот на математичари на Македонија, а тестовите ги изработуваат и оценуваат професори од Природно-математичкиот факултет во Скопје.
„Голема гордост ми е што сите тројца пријавени ученици освоија доволно бодови за второ место. За Мартин и Марко тоа не беше изненадување, но Христина, иако е на општествено-хуманистичка насока, покажа интерес за природните науки и оствари одличен резултат. Сите тројца планираат да продолжат со математика или сродни научни дисциплини“, изјави нивниот ментор, професорот по математика, Мишо Каранфиловиќ.
Стојмановска е заинтересирана за градежништво или технички факултет, Костадиновски сака да се запише на ПМФ, додека Краљевски сè уште размислува меѓу повеќе опции.
„Задоволство е да постигнеш резултати и да добиеш признание во област која те интересира и си вложил време, труд и време. Минатата година освоив трето место, ова година второ, што е напредок. Благодарност и до професорот Каранфиловиќ кој посвети внимание за наша едукација. Математиката ми е омилен предмет од малечок, планирам по матурирањето да го продолжам школувањето на ПМФ“, изјави Мартин Костадиновски.
Натпреварот се реализира онлајн, при што учениците имаат 90 минути за решавање на тестот, а резултатите ги добиваат електронски. Минатата година Костадиновски го освои третото место на истиот натпревар.