Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Годинава се откриени три нови случаи, а на подрачје на општина Куманово досега се регистрирани 14 луѓе инфицирани со ХИВ/СИДА
Во советувалиштето за ХИВ/СИДА при Центарот за јавно здравје Куманово, од почетокот на годинава 98 граѓани се тестирале за ХИВ/СИДА.
Меѓу нив доминираат мажите на возраст до 30 години, кои имале ризично однесување. Тестирањето е бесплатно и анонимно, а резултатите се готови за 15 минути. Сепак граѓаните се плашат да се тестираат во родниот град и тоа го прават во соседните градови.
„Сеуште луѓето се стигматизирани. За да не доаѓаат во ваква средина да се тестираат, избираат поголеми градови, како Скопје или околните градови, со претпоставка дека нема да бидат препознаени. Досега ниту еден анонимен тестиран клиент во нашето советувалиште не бил кажан ниту на колеги, ниту на домашните. Анонимноста е спроведена професионално за сите овие 7 години откако работи советувалиштето“ - изјави Татјана Димковска, дипломиран медицинско - лабараториски аналитичар во советувалиштето.
На подрачје на општина Куманово досега се регистрирани 14 луѓе инфицирани со ХИВ/СИДА, од кои 3 се откриени годинава.
“Сите случаи се откриени на друго место, не во Куманово. Мешана е половата структура и преовладуваат мажите во однос на жените. Најзастапена возрасна група е од 30 до 39 години и тоа се хетеросексуалци. Од досегашните податоци од тие 14, двајца се починати во претходните години“ - вели Јадранка Стаменковска, епидемиолог во Центарот за јавно здравје Куманово.
Вработени од Центарот за јавно здравје по повод 1 декември - Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА организираат едукативни предавања во училиштата.