Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Со уличен перформанс на Градскиот плоштад попладнево 30 млади од различни земји испратија порака за толеранција, и покажаа дека луѓето без разлика на религија и националност можат да соработуваат.
Турата за толеранција после Приштина, го посетува Куманово, а потоа ќе продолжи во Лесковац, Сарајево, Бања Лука, Вуковар, Нови Сад, градови каде имало војни или конфликти.
Се трудевме да опфатиме повеќе градови и држави кои што имаат постконфликтно минато. Има млади од 14 различни земји, при што повеќето се од балканските земји, исто така има млади од Кипар, поделена држава на турски и грчки дел и од кавкаскиот дел , Ерменија, Азарбејџан и Грузија кои имаат конфликти - изјави Матеј Маневски од Центарот за меѓукултурен дијалог од Куманово.
Турата за толеранција ја организира меѓународната организација Млади за размена и разбирање, а е поддржана од ЦИД.
Имаме и театарски перформанс, кој прикажува сцени во семејството кои зборуваат за љубовта. За забранета љубов, односно за тоа колку е тешко да се оствари својата љубов ако е другата личност од различна религија и националност и тоа е она за што зборуваме. Зборуваме за мир, љубов и колку е важно да си слободен да сакаш - вели Тамара Гојковиќ од организацијата Млади за размена и разбирање од Брисел.
Театарскиот перформанс ќе биде во Младинскиот центар “Мулти Култи“ , каде ќе има и изложба на фотографии и дискусија со учесниците.