Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Државјанин на Република Бугарија е уапсен под сомнение дека измамил повеќе граѓани на Куманово, со наводни сообраќајни несреќи.
„Во 15.40 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово, во содејство со Оддел за криминалистичка полиција и СВР Скопје го лишиле од слобода П.М.(59) од Република Бугарија. Тој се сомничи дека на територија на Куманово во соработка со повеќе лица извршил измами со наводни сообраќајни незгоди над повеќе лица. П.М. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава“, соопшти МВР.
Од СВР апелира до граѓаните да бидат внимателни кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сите сторители на измамите.
Од почетокот на месецот четворица пензионери беа жртви на измама, при што им беа одземени околу 35.000 евра.
Последна во низата беше шеесет и петгодишна жена, која остана без 30.000 евра откако поверувала на измамник дека нејзината ќерка прегазила дете, а тој сакал да помогне да не одговара.
„Лицето ѝ се јавило на телефон и претставувајќи се како полициски службеник ја известило дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна незгода во која прегазила дете мигрант и ќе треба да плати одредена сума пари за да не ја гонат кривично. Таа ги однела парите на договореното место, а подоцна се слушнала со нејзината ќерка и сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти тогаш полицијата.