Мени

Учениците од „Крсте Мисирков“ и „Битолски Конгрес“ промовираа здрав живот и меѓусебна почит

08.06.2026 12:49 | KumanovoNews

Во Занаетчискиот дом во Куманово се одржа завршниот дел од проектот „Мултиетничка интеграција во образованието“, кој го реализираа ученици и наставници од ООУ „Крсте Мисирков“ од Куманово и ООУ „Битолски Конгрес“ од село Лопате.

Учениците од „Крсте Мисирков“ и „Битолски Конгрес“ промовираа здрав живот и меѓусебна почит

Преку презентации, драматизација и изложба на традиционални јадења, учениците ги претставија резултатите од заедничките активности реализирани во текот на учебната година, испраќајќи пораки за меѓуетничка соработка, почитување на различностите и здрави животни навики.

„На овој настан учениците од двете училишта ги поведоа присутните на едно „вкусно патување“ низ македонската и албанската кујна, кои со своите мириси и вкусови се важен дел од заедничкото културно наследство. Храната не е само потреба за живот, туку и симбол на гостопримство, љубов и почит. Таа е богатство што ги поврзува луѓето, културите и традициите. Преку традиционалните јадења, рецептите што се пренесуваат од генерација на генерација и семејните трпези ги чуваме нашите корени и ја градиме меѓусебната почит и пријателство“, вели учителката Станче Штејровска.

Пред присутните беа презентирани и резултатите од истражувањето за карактеристиките на овошјето и зеленчукот во различни региони на државата. За значењето на здравата исхрана говореа д-р Магдалена Алексовски, специјалист по семејна медицина од ПСУ „Д-р Десанка“, и Фортеса Алији, фармацевт во „Зегин“.

Учениците се претставија и со драматизација на македонски и албански јазик, преку која испратија пораки за здрава исхрана и важноста на правилните животни навики.

Соработката меѓу двете училишта трае од 2013 година и континуирано се реализира преку заеднички активности на различни теми. Координатори на проектот се наставниците Станче Штерјовска и Хатиџе Мемети. Учениците се под менторство на одделенските раководители: Маја Пандуревиќ, Хилда Димитриевска, Бранкица Георгиевска, Белкизе Ваити, Ремзие Јакупи, Арбреша Алими и Даниела Стефановска.

„Во рамки на проектот годинава беа организирани повеќе заеднички средби. На првата активност, учениците од петтите одделенија истражуваа карактеристични растенија во различни региони на Македонија. Потоа го посетија Средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово, каде разгледаа овошни насади, стаклена градина, сточарска фарма и други содржини од училишниот комплекс. Во рамки на посетата ги посетија и тетовскиот пазар и Шарената џамија, а денот го завршија со забавно-рекреативни игри“, вели учителката Хатиџе Мемети.

Според наставниците, најголемата вредност на проектот е можноста учениците да учат едни од други за јазикот, културата, обичаите и традициите. Преку заедничките активности тие ги развиваат комуникациските вештини, учат да ги почитуваат различностите и создаваат нови пријателства, градејќи мостови на соработка и меѓусебна почит.