Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Учениците од кумановското средно училиште „Наце Буѓони“, остварија нови успеси на државните натпревари од каде се вратија со со награди и пофалници.
На државниот натпревар по биологија, Денис Новчевиќ, ученик во трета година, го освои првото место, а Анастасија Атанасовска, ученичка од прва година се закити со третото место.
Новчевиќ вели дека искрено не очекувал да победи и да биде најдобар, поради огромната и силна конкуренција, но победата го мотивирала да продолжи да ги продлабочува своите знаења.
Менторката Славица Караникиќ за успесите на своите ученици вели дека тие редовно освојуваат награди од сите натпревари во нивните струки. Подеднакво се успешни и на натпреварите на млади истражувачи, кои на државно ниво се организирани од Народна техника.
„На годинешниот натпревар прво место со своите проекти освоија Гала Арсовска за проект за заштита на пчелите од паразити, на кој јас бев ментор и Марио Анѓеловиќ во областа автоматика и роботика каде ментор е професорката Виолета Младеновска. На овој натпревар имавме и повеќе втори и трети награди од сите струки од нашето училиште. Имаме награди и на сите литературни конкурси на кои учествуваме“, вели Караникиќ.
Таа нагласува дека успесите на учениците ги мотивираат и наставниците за вложување максимум енергија и време во нивниот напредок.
„Ова го прави нашето училиште и струките што ги нудиме атрактивни за запишување на нови ученици во прва година“, рече Караникиќ.
(Сара Ѓорѓиоска)