Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во заедничка акција на станарите и вработени во ЈП„Чистота и зеленило“ викендов се чистеа зелените површини од „Жмара“ до „Мај Маркет“ на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово.
Иницијативата потекнала од месната заедница, а на повикот се одѕвале дел од станарите.
„Тревата е искосена, сметот е изнесен, просторот околу дрвјата е расчистен. Глетката е веќе многу попријатна, едноставно „продише“ просторот. Иако работата беше напорна, кога сега ќе погледнеме евидентен е вложениот труд“, изјави Бобан Кипријановски,член на МЗ Панче Пешев и учесник во акцијата.
Механизација и алатки за работа обезбедило „Чистота и зеленило“, а искусните работници давале насоки и упатства за што поефикасно и побрзо средување на просторот.
Останат е уште мал дел кој треба да се досреди, но за тоа ќе се ангажира јавното претпријатие.
Парковите на булеварот "Октомвриска револуција" не се во програмата за одржување на ЈП „Чистота и зеленило“, па се чистат кампањски, поради што поголем дел од зеленилото е запуштено и не може да се помине од бујната вегетација.
Минатата година на овој потег имаше пријави дека станарите виделе змии.