Ваши писма: 25 години женски активизам
Организација на жените на општина Свети Николе на 25 Декември 2015 година одбележува 25 години постоење.

Организација на жените на општина Свети Николе на 25 Декември 2015 година одбележува 25 години работа во женското движење за подобрување на општата состојба на граѓаните, за подобрување на условите за соодветна здравствена заштита на жените, децата и младите, активно вклучување на децата и младите во општествените текови на живеење, како и почитување и заштита на човековите права. Во организацијата членуваат повеќе од 500 членови и членки од општината и пошироко од кои околу 30 се активни волонтери и волонтерки и се вклучени во реализација на тековни активности и проекти. Организацијата последните десетина години работи според стратешки развоен план и се стреми кон постигнување на зацртаните визија, мисијата и стратешки цел. Работата на Организацијата главно е фокусирана и поделена на три програми: Здравствена Програма, Програма за деца и млади и Програма за човекови права со акцент на права на жените
Во 2003 година Организацијата започнува со лобирање за дополнување на Законот за здравствена заштита на Р.М со воведување на програма за редовни бесплатни гинеколошки и мамографски прегледи еднаш годишно на секоја жена, а со цел рано откривање на рак на матката и рак на дојка. Организацијата, како лидер на неформално здружување од 16 женски НВОи на национално ниво, покрена иницијатива и спроведе кампања за лобирање која резултираше со поднесување на амандман во парламентот на Р.М., но и негово усвојување во февруари 2004 година. Со тоа Владата на Р.М. превзема обврска секоја година да изготвува превентивна програма за репродуктивно здравје на жените односно воведување бесплатни пап тестови. Првата програма беше усвоена во март 2005 година со што беа опфатени 128 000 жени на национално ниво.
Една Јапонска поговорка вели „Треба да ископаш многу песок од кој потоа трпеливо ќе измиеш ситни зрна злато“
Ситните зрна злато ископани во 25 години песок се толку блескави, скапоцени и значајни, а се доделените награди и признанија на Организацијата.
- „Награда за граѓанско општество и демократија“ – доделена од страна на Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка на 9 јуни 2005 година. За активностите во зајкнувањето на учеството и влијанието на луѓето врз јавната политика. Организацијата издејствува амандмански промени во Законот за здравствена заштита на Р.Македнија, со воведување на бесплатна скрининг програма на секоја жена еднаш годишно, а се со цел превенција од малигни заболувања и унапредување на здравјето на жената. Со оваа програма се предвидува секоја година да бидат опфатени 20% од женската популација во Р.М на возраст од 19 до 65 години, или од 100 до 200 илјади жени годишно.
- Награда „Златен медал 2006“ која се доделува во чест на 14 Септември-денот на ослободување на Свети Николе. Наградата е доделена од страна на Советот на општина Свети Николе за посебни достигнувања и промоција на општината, а за долгорочната успешна работа на Организацијата и подобрувањето на положбата на жените и децата во земјава.
- Награда „Бисер на мудроста“-доделена од ЕССА-Европска асоцијација за рак на матка, за напредокот во спроведување на програмата за превенција од рак на матка во Македонија. Наградата е доделена на Организација на жените на општина Свети Николе, Министерството за здравство на Р.Македонија, Комисијата за еднакви можности при собранието на Р.Македонија и Македонското женско лоби од Скопје, како признание за нивниот исклучителен придонес кон програмата за превенција на рак на матка. Наградата беше доделена на 26 јануари 2010 година во Европскиот парламент во Брисел
- Во 2014 година Организација на жените на општина Свети Николе учествуваше во натпреварот ‘Civil Society Peer Exchanges’ во организација на Еуклид Мрежата од Англија и Центарот за институционален развој од Македонија, а финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје, Македонија. Во конкуренција од над 40 иновативни идеи за поттикнување на демократски реформи, јакнење на човековите права и креирање на економски можности за поддршка на граѓанските организации Организацијата беше една од трите најдоби организации и го доби признанието во областа на градење политики и застапување со проект за помош и поддршка на жените заболени и лекувани од малигни заболувања со цел полесно надминување на болеста и нивно реинтегрирање во општеството.
- Новинарите од источниот регион на Р.М во рамките на активностите на регионалниот центар „Исток“, кој е дел од Здружението на новинари на Македонија, следејќи ги севкупните општествени процеси од овој дел од државата во мај 2015 година, доделија признанија на најуспешните, на оние кои посветено, упорно, стручно и пожртвувано работат во повеќе полиња. Во рамките на невладиниот сектор, признанието е доделено на Организација на жените на општина Свети Николе, за упорноста во борбата градот да добие мамограф, бидејќи статистички во овој град жените најмногу заболуваат од рак на дојка.
- Во 2015 година организација на жените на општина Свети Николе е добитник на плакета за долгогодишна поддршка и разбирање во реализирање на заеднички активности со Отворена Порта/ Ла Страда, Скопје, а по повод одбележување 20 години од основање на Меѓународната мрежа за борба против трговија со луѓе – Ла Страда и 15 години постоење, успешна мисија и работа, 15 години промовирање на човековите права и застапување на интересите и потребите на лицата кои се под ризик или претрпеле насилство и трговија со луѓе.
- Низата од награди на Организацијата за својата 25 годишна успешна работа се збогати со уште едно признание и плакета за лауреат. На 19ти Декември 2015 година по повод патронот на градот „Св.Никола“, Градоначалникот на општина Свети Николе заедно со Советот на општина Свети Николе доделија плакета „Св.Николај“, за посебен придонес во развој на здравствената програма на локално и национално ниво.
Организацијата и волонтерите кои што се вклучени во голем број со несмален интензитет ја продолжуваат благородната мисија која започна далечната 1990 година.
Ова го поткрепуваме со бројки од нашите досегашни активности, а тоа се реализирани повеќе од 85 проекти, здравствена програма што опфати над 130 000 жени, Програма за човекови права која им даде поддршка на над 18 000 жени, деца и млади, и посебна програма за деца и млади која опфати над 5700 учесници од целава земја.
Рахела Симеонова-Манева, ОЖ Свети Николе