Вечерва почнува Џез фестивалот „Филип Стевановски“
Во Занаетчискиот дом во Куманово, вечерва (13 октомври) започнува јубилејното, десетто издание на џез фестивалот „Филип Стевановски“.
Под мотото „10 години звук, 10 години емоција“, во трите фестивалски вечери ќе настапат шест музички состави.
Фестивалот ќе го отворат „Брамха“ и „Нејкед“, утре ќе настапат Пијан Славеј и „Мемфис Мафија“, а последната вечер настапауваат „Дијатик“ и „Мак Брас“. Сите концерти започнуваат во 20 часот.
Фестивалот го носи името на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025. Тој беше пијанист, тромбонист, композитор, музички продуцент и член на придружниот бенд на „ДНК“. Имаше магистрирано џез студии, беше уметнички директор на Кумановскиот џез фестивал и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Годинашното издание има и хуманитарен карактер, под мотото „Музика за Филип, поддршка за Кочани“. Собраните средства ќе бидат донирани на семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Влезот за сите концерти е бесплатен.
Организатор е Институтот за наука, уметност, култура и спорт (ИНУКС).
Одржувањето на фестивалот е поддржано од Министерстсвото за култура и Општина Куманово.