ВМРО-ДПМНЕ собираше идеи од кумановци
Во театар Куманово синоќа се одржа трибина од кампањата „На Македонија и треба твојата идеја„ на која партијата побара од граѓаните идеи за изборната програма.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека идеите доаѓаат од народот и ќе ги реализираат во интерес на народот.
Имаме 4 групи кои што ги посетуваат сите општини, компании, посетуваат најразлични групи кои што имаат свои интереси со цел да ги слушнаме нивните потреби, нивните барања. Сето она што има смисла, за што можат да се најдат средства во буџетот ќе биде составен дел од нашата нова програма. Во новата програма ќе се содржат и овие идеи и оние што во нашата партија ќе бидат генерирани - кажа Пешевски.
За СДСМ рече дека ги копираат, се обидуваат да соберат идеи од граѓаните, но вели дека досега и она што го ветиле не го оствариле.
Пратеникот во Собранието на Република Македонија, Зоран Ѓорѓиевски рече дека голем број проекти во Куманово се поддржани од централната власт и тоа обележување и осветлување на сите приоди на градот, изградба на пругата Куманово-Бељаковце, почеток на изградба на гасовод кон Штип. Додаде дека Владата предвидела средства за изградба на технолошко индустриска равзојна зона во Куманово.
Министерката за култура, Елизабета Канчевска Милеска рече дека работат посветено и реализирале бројни истражувања на локалитетите во Куманово, а догодина ќе се промовира Кокино како македонски бренд.