Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Заменски наставници ќе бидат ангажирани на местата на оние кои штрајкуваат, по што наставата ќе продолжи да тече нормално, тврдат од Општина Куманово.
Директорите на кумановските училишта доставиле списоци за добивање согласност и ангажирање на заменски наставници, а Центарот за вработување ќе треба да испрати соодветни луѓе, кои ќе ги заменат штрајкувачите.
“ Според законот на сите училишта им се дадени согласности итно и неодложно да се ангажираат лица кои се неопходни за реализација на наставната програма. Барањата ги поднесовме во Агенцијата за вработување, како што ни кажаа од Просветен инспекторат. Нивна обврска сега е да ги пронајдат тие лица и да ги упатат таму каде што има поднесено барање“ - вели Жика Крстевски, в.д. раководител на сектор за образование во општина Куманово.
Според информации од Регионалниот просветен синдикат, во Куманово има 1700 наставници и околу 300 луѓе кои работат како помошен персонал во училиштата и истите ќе биде тешко да се заменат со соодветен кадар.