Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во прва година во средните училишта во Куманово и Липково има вкупно 2.078 слободни места, 270 помалку од лани.
Во учебната 2025/2026 година во средните училишта во Куманово, според конкурсот на Министерството за образование и наука (МОН) ќе можат да се запишат 1.951 деветоделенци. Во гимназијата во Општина Липковоима 127 слободни места во 4 паралелки.
Во Гимназијата „Гоце Делчев“ има место за вкупно 306 ученика за општо гимназиско образование, една паралелка помалку во однос на лани.
„Од ова година се воведува нова билингвална паралелка со настава на македонски и англиски јазик, поради големиот интерес кај учениците. Покрај тоа си останува и франкофонската паралелка, со билингвална настава и на француски јазик. Во секоја од нив по 34 ученика ќе имаат можност да се запишат“, истакна директорката Марија Тодоровска.
Во останатите 7 паралелки 204 ученици ќе следат настава на македонски јазик, а една паралелка со 34 средношколци на српски јазик.
Во Гимназијата „Сами Фрашери“ се предвидени 238 слободни места за настава на албански јазик- во 7 паралелки по 34 ученик. Според критериумот во двете гимназии можат да се запишат ученици кои ќе имаат најмалку 60 поени од успехот остварен до девето одделение.
Во „Перо Наков“ има 168 помалку слободни места од лани. Предвидено е да се запишат 202 ученици во 7 паралелки со настава на македонски јазик и 184 ученици, во исто толку паралелки за настава на албански наставен јазик. Новите средношколци ќе можат да избираат меѓу некоја струка од насоката за економија, право и трговија, струката за текстил, кожа и слични производи или за графички дизајнер- насока која предвидува само една парлелка со максимума запишани 34 ученика.
Во Регионалниот центар „Киро Бурназ“ конкурс се распишува за запишување на 384 ученика, една паралелка, односно 34 новозапишани помалку. Оваа година не се распишува конкурс за ученици во фармацевстка струка, туку само за дентален асистент на македонски и албански наставен јазик по 25 ученика. Меѓу другото се предвидува запишување на заинтересирани и на насоката за земјоделство, рибарство и ветеринарство, на хемија и технологија, лични и други услуги, сектор за машинство, сообраќај, транспорт и складирање.
Во техничкото училиште „Наце Буѓони“ предвидени се 637 слободни места, во 19 паралелки- 297 ученика во 9 паралелки за настава на македонски јазик и 10 паралелки, односно 340 ученици на албански јазик. Во техничкото училиште наставата се одвива на машинска, електротехничка и здравствена насока, а секоја од нив има по неколку различни струки. За упис во ова училиште секогаш има голем интерес кај деветодоленците, па и нема промени во објавениот конкурс на МОН.
Според општинскиот Сектор за образовани во основните училишта настава посетуваат вкупно 1.099 ученици, 698 настава на македонски јазик, 401 на албански. Но во средните училишта во Куманово се запишуваат и ученици од останатите пет општини од Североисточниот регион- Липково, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка.