Во третиот квартал расходите и приходите реализирани околу 60 отсто
Во третиот квартал од 2015 година, во буџетот на општина Куманово приходите се реализирани со 60 отсто, а расходите се реализирани 63 отсто од планираното.

Потрошени се 852.724.956 денари за тековно работење, плати, изградба на улици, културни манифестации и слично.
Ова е во однос на планот од 1.353.852.640 денари. Вкупно се потрошени 852.724.956. Извршувањето на расходите е поделено на тековно - оперативни и тие се извршени со 48 отсто во однос на планот, а тековно - оперативните расходи од дотации се извршени со 73 отсто, самофинансирачки 43 отсто. Капиталните расходи се извршени 23 отсто во однос на планот, дотации со 44 отсто - кажа Драгица Ѓуревска, овластен сметководител во општина Куманово.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ критикуваа дека буџетот многу малку се реализира, се носат нереални буџети и слично.
Се става сè и сешто во буџетот, што не може да се направи за 10 или 20 години. Да ја нема таа програма, па ако дојдат пари од донации, организации ќе ги внесеме во програмата и така редовно имаме седници на Совет - рече Христина Краиновиќ, советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Зоран Дамјановски рече дека по 9 и 10 мај, Куманово е таргетирано од одредени меѓународни организации и не е исклучена можноста од добивање на некаква помош.
Советниците на денешната седница го изгласаа кварталниот извештај за извршување на буџетот на општина Куманово за трет квартал од 2015 година.