Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во рамки на 9 - от меѓународен Тамбурашки фестивал во наредните три дена на Градскиот плоштад ќе настапат познати домашни и музички имиња од соседството.
Градоначалникот Зоран Дамјановски рече дека овој фестивал важи за бренд за Југоисточна Европа и за градот.
Со гордост ќе го отворам фестивалот во четврток. Деветти фестивал, голем настан. Ќе настапуваат како и секогаш големи музичари од овој вид на музицирање, тамбурашкото музицирање, нов стил кој го воведовме во Куманово и пошироко во Македонија. Тамбурата гледате насекаде е главен инструмент - изјави Дамјановски.
На репертоарот за во четврток се групата Зоруле од Нови Сад, и групата Деспина од Битола. Во петок ќе настапи Нино Величковски по повод 30 години кариера, а гости на вечерта ќе бидат: Кумановски тамбураши, Зоруле, Октет Куманово, група Боеми, Сашко Коцев, Перо Христов, Виолета Томовска и Маргица Антевска.
Тамбурашкото движење успеа и ова е веќе етаблиран фестивал. Ги канам сите сограѓани да бидат дел од фестивалот овие три вечери. Има едно големо изненадување, а тоа е Влатко Стефановски кој гостува во петок. Во сабота ќе се случи црногорската тамбурашка вечер со познатите тамбураши Звуци са рибнице и гост е еден од подобрите пеачки имиња во делот на забавната и народната музика, тоа е Здравко Ѓурановиќ и неговите Пријатели, оркестарот на Дејан Илиќ - вели Нино Величковски, директор на Фондација за култура и спорт при Општина Куманово.
Од секторот за култура и спорт објаснуваат дека организацискиот дел ќе биде како и претходните години.
Ќе бидат поставени околу 1000 места за седење од кои половина ќе бидат за седење, а половина ќе бидат маси за послужување. За послужување на гостите кои ќе седнат, а и на оние други граѓани кои ќе бидат на Градскиот плоштад ќе бидат поставени неколку скари и шанкови за храна и пијалоци. Овој дел е соодветен за вакви манифестации и се надеваме дека ќе имаме голем број на посетители, кои ќе уживаат во убава музика и ќе се насладат со скарата. Се надевам дека уште еднаш ќе испратиме убава порака до сите кои од медиумите ќе слушнат за настанот - додава Жика Крстевски, раководител на сектор за култура и спорт.
За 10-от јубилеен фестивал кој ќе се оддржи догодина Крстевски најавува поинаков организациски концепт и гостување на многу познати музичари кои ќе привлечат поголема публика.
За тридневниот меѓународен фестивал за режија и патни трошоци на гостите ќе бидат потрошени 3.700 евра. Градоначалникот кажа дека сите гостувања се договорени на база на лични контакти и познанства кои ги имаат Кумановските тамбураши. Буџетот за манифестацијата е скромен поради општата состојба во државата и во општината.