Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Конечната одлука за тоа како ќе се трошат средствата од продажбата на земјиште на Лидл во индустриската зона Речица ќе ја има Советот на Општина Куманово, а таа ќе биде донесена при усвојување на програмата за работа и буџетот за наредната 2024 година, вели градоначалникот Максим Димитриевски. Тој ветува дека финасиските средства ќе се насочат согласно стратешките документи кои веќе се на сила.
Приоритет ќе биде имплементација на долгорочни стратегии, континуитет на веќе започнати проекти и вклучување во програмата на инвестиции во руралните средини од општината.
„Во Општина Куманово не се работи на тоа на кого, каде и како ќе му текне да се реализира одреден проект, туку одиме согласно стратегиите кои што ги имаме усвоено на Совет и имаат свој континуитет, како на пример стратегијата за урбана мобилност, во делот на градење на сообраќајна инфраструктура и таа си ги дава своите приоритети. Ќе интервенираме и во урбани и во рурални средини бидејќи каде и да ги насочите средствата тие се корисни за граѓаните. На крајот конечната одлука ја има Советот при усвојување на следната програма за работа за наредната 2024 година и при усвојување на буџетот“, изјави Димитриевски.
Дел од средствата се планирани за реинвестиција во индустриската зона за изградба на нова инфраструктура, пристапни патишта, атмосферска канализација, осветлување на зоната со што ќе се подигне и цената на земјиштето на м2. Индустриската зона Новине и Речица има голем капацитет и голем потенцијал, односно уште 10-тина слободни парцели кои во иднина ќе бидат предмет на јавно наддавање.
„Моментално ова зона е најатрактивна локација во државата за домашни и странски инвеститори. Ние веќе размислуваме за проширување на индистриската зона и бараме начини за вцртување и на дополнителна таква зона на територија каде имаме слободно, градежно, неизградено, државно земјиште во близина на автопатот како би можеле да создаваме нови индустриски зони. Со новиот Генерален урбанистички план планираме веќе постоечките индустриски погони од градот, лоцирани блиску до населбите да ги преселиме во планското подрачје на градот“, истакнува Димитриевски.
Реномираната компанија Лидл, по пат на јавно наддавње откупи парцела од 17 хектари во атарот на селото Речица, во близина на автопатот Куманово-Табановце. При купопродажбата е постигната цена од 31 евро по м2,односно вкупно уплата од околу 5,2 милиони евра. Од нив 80 отсто легнуваат на општинската сметка, додека останатите 20 отсто одат за државата. Надлежните потврдија дека веќе парите се легнати на жиро-сметка.
Инвеститорот најавува дека во следната година, најдоцна година и половина ќе го изгради еден од најсовремените и најголемите логистички центри во Европа, со околу 200 рампи за утовар и истовар на камиони и можност за вработување на 400 лица, само во тој логистички центар. Компанијата е заинтересирана и за нови локации за изградба на маркет во Куманово.