Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Храна, обувки и облека однесоа членките на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Куманово на семејството Скендеровски, кое пред два дена остана на улица откако им изгоре куќа во голем пожар.
Помошта ја предаде претседателката Емилија Трајковска.
- За многу кратко време успејавме да се организираме, да собереме помош и да дојдеме во посета на семејството Скендеровски. Собравме облека и храна, она што во моментот му е најпотребно на семејството. Сакам да истакнам дека и во иднина ќе продолжиме со ваквите акции каде што е неопходно. Вчера исто така организиравеме помош во поплавените семејства во селата Јачинце и Клечовце,- изјави Трајковска.
Во името на единаесетчленото семејство се заблагодари сопственикот на куќата Марјан Скендеровски.
Оваа помош многу ни значи со оглед на тоа дека изгубивме се што имавме. Ова е прва помош што некој ни ја донесе и не посети. Никој од надлежните институции не ни понуди сместување. Децата спијат кај соседите и роднините, -вели Скендеровски.
Тој најави дека утре ќе се обрати за помош во Центарот за социјални работи и Општината Куманово. Во семејството Скендеровски никој не е вработен, ниту пак примаат социјална помош, иако имаат 8 малолетни деца од кои 5 одат на училиште.
Сопственикот на куќата сеуште стои на тврдењата дека некој го подметнал пожарот во неговата куќа и очекува полицијата да ги открие сторителите.