Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жители на селото Романовце го блокираа селскиот пат на излезот кон Скопје, со барање “Бетон“ и другите фирми кои ги користат каменоломите кај Краста, да им го асфалтираат патот.
Мештаните се жалат дека од прашината што ја креваат камионите по патот им ги уништува земјоделските култури на нивите.
“Бараме да се асфалтира патот и да се реши овој проблем. Должината е околу 4 километри. Зимно време под мостот е катастрофална состојбата од лед и од се“ - изјави Орхан Ахмет, претседател на месна заедница Романовце.
И жителите на селото Пчиња им дадоа поддршка на жителите на Романовце, бидејќи како што велат и тие имаат штети и се засегнати од истиот проблем.
“Од самите камиони на камеломите што работат таму, штетите се на земјоделските култури, кои се загадуваат од прашината. Тука има грозје, сончоглед, пипер, и сакаме патот да се асфалтира, да се заштити, за да не се оштетуваат земјоделските површини“- вели Дејан Трендевски, претседател на месна заедница Пчиња.
Мештаните се надеваат дека од понеделник на повидок ќе имаат решение и договор за асфалтирање на патот. На блокадата дојде претставник од повиканата фирма.
“Морам да напоменам дека овој пат не го користи само “Бетон“, туку го користат повеќе фирми. За таа цел ние ќе се обидеме да стапиме во контакт со сите други фирми, бидејќи денеска имавме контакт со локалното население. Волјата за решавање на проблемот постои, така што мислам дека во скоро време ќе се направи некаков договор, за сите да имаме добро“ - кажа Коста Глигориевски од “Бетон“.
Блокадата на влезот и излезот од Романовце трае цела недела.