500x100-1

Старо Куманово: Тумба

Во старо Куманово, од времето на Турската империја, најзначајни објекти биле: Тумба, Ќурчијана, Безистен, пазарот за дрва и дрвен ќумур Одан-пазар и пазарот за сол. Тумба е некогашниот и сегашниот центар на градот. Како биеле дамарите на Тумба така живеел и градот и жителите на градот. Тоа е местото кое било центар на градот, место на сите збиднувања кон кое воделе сите патишта.

На едно место можеле да се најдат куп пргави и жилави коњи, директно носени од планинските предели Карадак и Козјак. Некогашниот центар на градот е ист со сегашниот само поради неговата локација. Тумба во минатото била пазар на отворено, продавачите имале импровизирани тезги од вреќи, рогозини и черги распослани на земјата. На една страна од центарот се продавал добиток: коњи, волови, магариња, маска, телиња, свињи итн., додека пак близу до Ат-пазарот се продавале кози, овци и јаганци, обележани со црвена, сина и жолта боја на врвките за да не се измешаат со туѓиот добиток. На импровизираните тезги се продавала и волна, млеко, сирење, урда, масло, јајца, ракија, вино, а веднаш до нив и овошје, зеленчук, мед, восок, свеќи и други најразлични производи. Близу биле опинчарите, јажарите, ковачите со вршници, мангали, коњски и воловски плочи итн.  

Во тоа време берберниците биле на отворено, па берберите ги бричеле луѓето под отворено небо, седнати на сандалија (стол), на некој сандак или камен. Сите имале „допир со бескрајот“. Кога веќе зборуваме за старото време и „Тумба и четири бандере“, а не три, тогаш треба да се споменат и браќата Борис и Перо Биџови, кои биле касапи и извонредни мајстори за печено месо, прекрасен мезалак од јагнешки црева и желудник, црн дроб и други изнутрици од јаганци, овци и кози. Самата миризба на убавото месо, подготвено според нивен таен рецепт ги потсетувала граѓаните дека Биџови почнале да готват, па доаѓале да купат од свежо подготвениот специјалитет.

„Луѓето купуваа за динар-два, а тие што немаа пари купуваа парче леб, а за мали пари Борис со лажица на лебот им ставаше од манџата, онаа зачинета, топла и густа чорбичка, која кај луѓето предизвикуваше вода на устата.“ пишува Трајковски Петар, во книгата „Старо Куманово“. Се сеќавам и на Милан Димковски, вели Трајковски, кој правеше неверојатен мезалак и секогаш кога поминувавме на улица или се игравме, на бел лист хартија, ќе ни ставеше од мезалакот, а ние ќе се сладевме. На Тумба секогаш имало и рабаџии и амали, односно луѓе кои доаѓале за да најдат работа. Секогаш добри и чесни луѓе, кои носеле товар на својот грб од 80 килограми, цел километар. Тумба секогаш во пазарните денови била зовриен казан, секаде клокотење, извици, пазарења, блеење на овци, мукање на говеда, сето тоа измешано со звуци на кавал, шупелка и тапан.

Одун-пазарот на кој се продавале дрва и дрвен ќумур бил сместен на една плоштатка, на која подоцна била изградена зградата на Општинското собрание. Ова било местото каде граѓаните, ќебапчиите и крчмарите се снабдувале со дрвја. Наместо печки се користела мангала во кои се распалувал дрвениот ќумур, па кога ќе се создал доволно жар го запретувале со пепел за да трае подолго, па така го внесувале во собите за да ги затоплат. Сепак, за да не дојде до труење или главоболка од јаглемоноксидот во жарта ставале парче железо. Секако, постоеле и повеќе видови мангали, зависно од економскиот статус на семејството, па побогатите имале мангала од глина, однадвор обложена со месинг или некој друг метал.

Безистенот се наоѓал пред денешниот хотел Кристал. Безистенот бил изграден од кратовскиот господар Бари-бег во 19 век. Во него биле сместени 26 манифактурни дуќани-продавници, кои ги држеле крушевските Власи-Цинцари. По одредено време Безистенот добил друга намена, па во него браќата Манас и Димчо Крстевски држеле кафеана, а на крајот од третата деценија биле прикажувани и неми филмови.

Една од најинтересните градби од Турското време била Ќурчихан или Ќурчијаната. Таа се наоѓала спроти денешната зграда на Катастар, на местото на стамбениот објект во кој се наоѓа Градската аптека. Ќурчијана имала три големи влеза, порти со храстови врати, оковани со железо, кои постојано биле отворени за сите граѓани. Внатре имало 29 ќурчиски дуќани распоредени во полукруг. Сите дуќани имале приземје и кат, на долниот кат се изложувала робата, а горните користеле како магацини. Ќурчијаната била изградена во 19 век, се претпоставува дека сопственик бил некој Грк Ташуле-Шуле, а била урната по Втора светска војна.

Во Турско време во Куманово постоел и посебен пазар за продажба на сол, солта најчесто било донесувана од Романија или Солун. Прометот од солта бил голем, зашто за сол доаѓале и од Крива Паланка, Свети Николе и други соседни градови. По Првата светска војна овој пазар исчезнува, зашто прометот на солта се леберализира и осовременува.

(Користена литература: „Старо Куманово“, Петар Трајковски)

Фросина Марковска