500x100-1
20. 09. 2019 09:03

Oтворeна Изложбата на македонски стрип автори во Куманово

Oтворeна Изложбата на македонски стрип автори во Куманово

Во Изложбениот салон во Центарот за култура "Трајко Прокопиев" во Куманово, синоќа беше отворена изложбата на печатени стрип изданија.

На изложбата се застапени 25 стрип автори од Македонија, а се претставени печатените изданија на стриповите: "Гладијатор", "Смртта на Нерон", "Човечка мисија", "Од дневникот на SK вампирка: црно е bello, "Криумчари", "Блесок" "Мачорот кој сакаше да стане крал на светот", "Кафе на ѕидот", "Најголемиот ловец", "Мислење на роботот", "Лош сон", "Помирување", "Делчето што фали", "SFKсенофобија", "Што сакаат жените", "Итар Пејо", "Не верувај секому", "Цар Гаврил Радомир", "Син", "Русето", "Како започна еко проблемот", "Поубавиот", "Круг", "Мојот сон" и "Најголемиот ловец".

Целта на изложбата е афирмација на стрипот во Македонија,  како и негово претставување пред пошироката јавност, во ерата кога дигиталното време ги заменува печатените изданија.

"Се сеќавам дека мојата љубов кон стрипот започна уште од основно, кога имаше во "Наш свет", "Развигор" дури и цели страници за стриповите. Многу сакав да научам да цртам, ама немаше од кај, немаше стрип центри. Пред 20 години видов како функционира стрипот во Франција, Белгија, Јапонија, Америка, па си реков зошто не и во Македонија. Се' започнува со идејата.  Со група ентузијасти го отпочнавме реализирањето и еве не' сега, со 50 тина стрип автори. Лошото е само тоа што нема кај да се објавува и кој тоа да им го плаќа на стрип авторите. Но, јас сум оптимист дека работите ќе се сменат"- рече Ване Трајков, извршниот директор на Стрип Центарот на Македонија.

Трајков им се заблагодари на кумановците за посетеноста, рече дека тие секогаш имале осет за уметноста, и се надева дека ќе може да направи изложба само со стрип автори од Куманово.

"Се сеќавам само дека порано стрипот беше многу популарен на овие простори. Меѓутоа, за среќа постојат организации и луѓе коишто водат сметка за стрипот и сега. Овде може да проследиме една многу специфична изложба на стрипови, каде во фокусот се македонските стрип автори, а меѓу нив и кумановци", - рече Роберт Цветковски-историчар на уметноста, при отворањето на изложбата.

Стрип центарот на Македонија во Велес е формиран 1995 година со цел да го оживее и афирмира стрипот во Македонија, а неговата успешна приказна и до ден денес е борба со ветерници. Сепак, успева да отпечати 16 броја на стрип списанието "СТРИП АРТ", 25 броја на стрип магазин "КРЕАТОР", успешно прави групни како и поединечни изложби во градовите во Македонија и надвор од државата. Организира стрип работилници, континуирано овозможува контакти на македонските стрип автори со стрип авторите од другите држави. И  Ване Трајков, како волонтер и на 61 годишна возраст, се' уште се бори за стекнување на подобри услови за делување на македонската стрип култура.

Изложбата ќе трае до 25-ти септември.

(Ф.М)

Oтворeна Изложбата на македонски стрип автори во Куманово