Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ученик од шесто одделение во основното училиште „Магдалена Антова“ во населбата Карпош, обвинува дека претпладнево бил претепан од С.К.(60) професор по физичко воспитување и заменик директор во училиштето.
Инцидентот се случил во првата смена на часот по физичко, што се изведувал во училница, кога детето фрлило мастика и го изнервирало професорот да се пресмета со него.
Јас фрлив мастика кон корпата, но таа падна на подот. Професорот ме нападна дека него сум го гаѓал и ме викна да излезам пред таблата. Почна да ми удира шлаканици, а потоа ме фати за образот и ми удри неколку песници - раскажува Ф.С.(12).
Со модринки по образот и раскрварено непце во устата, детето веднаш по часот си заминало дома и им раскажало на родителите што му се случило на училиште. Изреволтирани од однесувањето на просветниот работник, тие се јавиле кај директорот на училиштето, а случајот на насилство го пријавиле и во полиција.
Детето дојде претепано од негов професор и заменик директор во училиштето. Барам од надлежните да испитаат како може еден просветнен работник постојано да малтретира и претепува ученици и да останува неказнет поради тоа. Ова не е прв случај да е натепано дете, тоа се случувало и досега. Ако не се преземе нешто тој ќе си продолжи со востановената практика - вели таткото на детето Драган Стоилковски.
Наведениот професор тврди дека ученикот на часот го гаѓал со гумено топче, поради што овој го штипнал по образот, но не го тепал. Вели дека детето има нежна кожа и му излегла модринката, а да му е тенот потемен немало ни да се познава.
Директорот на училиштето најави дека ќе го испита случајот откако ќе ги чуе двете страни, а потоа ќе преземе мерки за негово разрешување.