500x100-1
08. 02. 2010 09:23

Пронајдена колата од која е пукано во Липково

Пронајдена колата од која е пукано во Липково

Неколку дена по убиството на Муарем Салиу (36) во Липково, полицијата го пронашла автомобилот марка мазда со кој побегнал неговиот убиец . Напуштеното возило било пронајдено во скопското село Мојанце, по што е предадено на вештачење.

Сопственикот на колата за кој се претпоставува дека е во роднинска врска со убиецот бил повикан на информативен разговор во полициската станица Гази Баба, каде негирал дека тој го управувал возилото и тврдел дека тоа воопшто не било во Липково. По извршениот распит, бил пуштен дома.

Од МВР велат дека прибираат информации за случајот и работат на утврдување на идентитетот на убиецот, но не соопштуваат повеќе информации во интерес на истрагата.    

Убиството на Муарем Салиу и ранувањето на неговиот братучед Бурим (32) се случи во средата попладне пред продавницата „Сал Идриз Ком“ во селото Липково, откако Бурим и групата арачиновци предходно се скарале. Додека тие стоеле пред продавницата еден од напаѓачите излегол од колата и со пиштол почнал да пука кон Бурим, а потоа и кон Муарем.

Тешко повредениот Муамед починал на патот кон болницата, додека Бурим е пренесен во Ургентниот центар во Скопје, каде е опериран и на болничко лекување.

Жителите на Липково шокирани од настанот кажуваа дека Муарем настрадал пред очите на своите малолетни деца.

Како причина за убиството се претпоставува дека била расправија за девојката која работела во продавницата, братучетка на Бурим и Муарем, а пријателка на еден од арачиновците.