26. 06. 2020 22:33

Без извори се искривува вистинската причина за разрешувањето на Зибери

Без извори се искривува вистинската причина за разрешувањето на Зибери

Пишува: Билјана Т. Димко

Во крајно пристрасен, коментаторски и текст кој не може да се смести во ниту еден од  информативните новинарски жанрови, се изнесени невистини, тешки обвинувања за наводна политизација на Комисијата за заразни болести во функција на изборниот процес, се обвинува министерот за здравство ,,дека цело време ја користи говорницата за партиски цели на СДСМ” и се спинува наводна војна за албански гласови.

Со цел да се минимизира вистинската причина за разрешувањето на екс директорот на ЦЈЗ Скопје, Арбен Зибери, непотпишаниот автор поставува десетина прашања на кои самиот си дава одговор.

Патем со повикување на неименувани ,,познавачи” кои тврдат дека тоа било директна битка на министерот за здравство за албански гласови за да се спаси СДСМ на 15 јули. Коментаторските елементи се доминантни, извори нема, цитати нема, тезите што се изнесени се неточни. На пример:

Под маска на наводни професионални стандарди, Зибери е всушност казнет што призна и соопшти како навистина и реално функционира Комисијата за заарзни болести – по барање на Власта и нејзин диктат.

Ова тврдење е невистинито и непоткрепено со извор. Комисијата за заразни болести е советодавно тело на министерот за здравство, се состанува на седници, од седниците има транскрипти и во него членуваат истите епидемиолози и медицински професионалци како и од времето на претходните влади. Непотпишаниот автор отворено зазема страна и кажува ,,што е вистината”.

Со изјавата во која Зибери кажа дека издејствувал да се отворат границите за да Албанците од странство гласаат, тој всушност ја кажа вистината за Комисијата која под политички диктат заради огромната желба на Заев за избори на 14. Јуни (првичното барање на СДСМ) претходно ги укина мерките, акт кој придонесе за сегашниот наплив на заразени и починати од корона во Македонија.

Се оди и дотаму што се напаѓа министерот за здрвство и СДСМ за новиот бран на Ковид 19 и покрај тоа што бранот е резултат на непочитувањето на мерките од страна на граѓаните кои се универзални во целиот свет. Се користат квалификации кои се чудни, како на пример ,,најистурен експонент на техничката влада”.

Целиот овој текст е сведен на неколку констатации и долги реторички прашања и коментари, во крајно пропагандистички манир.

Новинарскиот кодекс во членот 14 налага известувањето од политичките процеси, посебно од изборите да биде непристрасно и избалансирано, што во текстот не е испочитувано. Исто така, членот 13 налага новинарот да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Во овој текст, тоа не е направено.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.