24. 06. 2020 22:15

Партиско соопштение се објавува со цитирање на изворот, а не интегрално

Партиско соопштение се објавува со цитирање на изворот, а не интегрално

Пишува: Мирослава Бурнс

Објавеното партиско соопштение на ВМРО ДПМНЕ на веб страницата на 24 Инфо, осамна без никаква атрибуција на изворот, со интегрално пренесување, без стандардното и многу потребно оградување кое што инаку има за цел да ја обезбеди професионалната дистанца меѓу политичките субјекти и новинарите.

Затоа, во информативните жанрови, новинарот не тврди, туку постојано цитира, прашува извори, контактира различни страни и останатото го остава на судот на јавноста. Првичниот наслов на текстот кој го рецензираме гласеше ,,Оливер Спасовски лаже како неговиот идол Зоран Заев”.

Набрзо потоа, текстот го менува насловот и се додава дека тоа е всушност тврдење на ВМРО-ДПМНЕ, меѓутоа без да се посочи од што е истото тврдење инспирирано и на што се однесува. Поради временскиот период во кој е објавен овој текст, можно е истиот да е контрапункт на прес конференцијата на премиерот Оливер Спасовски одржана утринава, во која што тој децидно посочи дека ја одржува во својство на претседател на владата, а не во партиско својство. Но, во неатрибуираниот текст кој го рецензираме, се тврди токму спротивното и тоа неосновано.

Оливер Спасовски лаже како неговиот идол Зоран Заев. Веднаш ги погази флоскулите кои самиот ги кажуваше на прес конференцијата. Тој е носител на листа на СДСМ, а прес конференцијата во владата ја искористи за пласирање на празни партиски флоскули и манипулации.

Понатаму, во ниту еден дел од текстот, не е атрибуиран изворот и се поставува прашањето колку од читателите ќе препознаат дека се работи за партиско соопштение, кога тоа не е наведено. Можеби некои ќе помислат дека станува збор за став на непотпишаниот автор, но во секој случај, неопходно е да се цитира изворот, да се обезбедува професионална дистанца од политичките субјекти и добиените информации од партиските соопштенија ако не повеќе, барем редакторски да се обработат и да се наведе изворот.

Бидејќи ништо од ова не е сторено, добиен е еден медиумски производ кој личи на коментар, не наведува цитати и извори и завршува со предизборниот слоган на ВМРО-ДПМНЕ.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.