Голем пожар во Крива Паланка, постои опасност да ги зафати куќите
Голем пожар предпладне избувнал во населбата Лозанови и село Градец, општина Крива Паланка, кој се шири со голема брзина од силниот ветар, и постои опасност да ги зафати куќите.

„Општината е зафатена од сериозни пожари кои се шират со голема брзина и претставуваат закана за домовите и безбедноста на нашите сограѓани. Огнената стихија се приближува до населеното место Лозаново. Мораме да дејствуваме веднаш. Ги повикуваме сите граѓани што имаат можност и подготвеност – да се приклучат и помогнат во локализација и гасење на пожарите. Секоја помош е од непроценливо значење – и секој човек значи разлика. Ова е момент за единство, солидарност и хуманост.Да се мобилизираме како заедница – за заштита на нашите домови и природа“, повика градоначалникот Сашко Митовски.
Екипите на Територијалната противпожарна единица од Крива Паланка се на терен, а повикана е помош и од општина Ранковце.