Објавен оглас за обука на негуватели за стари лица во Старо Нагоричане
Општина Старо Нагоричане и Црвен крст Куманово распиша оглас за обука на негувател/ка за помош и нега на стари лица, преку проектот – „За подобрување на социјалните услуги“, поддржан од страна на Светска Банка и Министерство за социјална политика, демографија и млади на Република Северна Македонија.

Обуката за нега на стари лица и лица со попреченост е сертифицирана и е бесплатна.
„Се повикуваат сите заинтересирани лица од Општина Старо Нагоричане, кои сакаат да посетуваат обука и да се стекнат со верификуван сертификат да аплицираат во период од 11.07.2025 до 31.07.2025 година“, стои во повикот.
Кандидатите треба да се државјани на Република Македонија, да имаат 18 години, а имаат општа психо-физичка способност за работа, да имаат минимум основно образование, да бидат мотивирани за работа со стари и немоќни лица. Да бидат мотивирани по обуката да бидат вклучени како негуватели во сервисот за нега во домашни услови при Општинска организација на Црвен крст Куманово во Општина Старо Нагоричане. Секој заинтересиран кандидат ќе биде повикан на индивидуално интервју.
Заинтересирани кандидати можат да се пријават на e-mail: [email protected] или лично во просториите на ООЦК Куманово на улица 11-ти Октомври број 4, контакт: 031 424 179 или на 071-244-981 лице за контакт Наталија Ѓуровска, како и во просториите на Општина Старо Нагоричане.