Промовирана книгата „Тантелина“ од Мира Георгиевска
Во фоајето на Националната установа Центар за култура – Крива Паланка, синоќа беше промовирана новата книга „Тантелина“ од авторката Мира Георгиевска.

Настанот се реализираше како дел од издавачката дејност на установата во рамките на годишната програма за работа за 2025 година, поддржана од Министерството за култура и туризам.
Во присуство на бројни љубители на книгата и народното творештво, публиката имаше можност да ужива во дел од приказните од збирката, во кои се преплетуваат мудроста, духовноста и традицијата на кривопаланечкиот крај.
Промотори на книгата беа историчарот м-р Мартин Додевски и поетесата Оливера Станковска, додека актерот и режисер Владо Денчов настапи како наратор.
– Секоја приказна во книгата завршува убаво, со позитивен крај, а едно такво литературно богатство нема многу во македонската литература. Ви порачувам да го сочувате кривопаланечкиот дијалект, да се испечати книгата и на дијалект, зашто таму се чува јазикот и таму никој не може да го допре, рече Денчов.
Модератор на вечерта беше поетесата Емилија Колевска, која истакна дека убавите емоции, старите приказни и традиционалните вредности собрани во „Тантелина“ се сведоштво за многу времиња наназад.
– Приказната „Тантелина“ носи многу емоции, многу љубов за животот, сочувани и содржани во приказните за столбот на животот – семејството, рече Колевска.
Според Оливера Станковска, приказните во „Тантелина“ се силен крик и порив на љубовта на авторката, потсетувајќи дека нема ништо поважно од зачувувањето на сопствените корени.
– Тоа е врвен духовен подарок за сите нас. Приказните се белег на нешто почувствувано и доживеано, со кои авторката во минатото не само што се забавувала, туку и се воспитувала преку пораките што ги носат. Така, таа ги бруси како бисери и ги подарува на македонски литературен јазик – записи од усно пренесени приказни и преданија, дар од народот со богата култура и традиција од кривопаланечко, нагласи Станковска.
Во своето најново дело, Мира Георгиевска успева да ја пренесе магијата на народната приказна и да го долови нејзиниот дух низ современ книжевен израз. Книгата содржи народни умотворби раскажувани и пренесувани низ генерации во Кривопаланечкиот крај – приказни во кои животните и митолошките суштества симболично ги отсликуваат човечките особини, а секогаш преовладува добрината, љубовта и верата.
Авторката им се заблагодари на сите што ја поддржале во создавањето и издавањето на книгата, особено на својата мајка, која ја нарече „кралица“ и ја опиша како жив извор на сите овие приказни – сега трајно забележани како дел од културното наследство на Кривопаланечко.
Рецензентот м-р Мартин Додевски нагласи дека делото „Тантелина“ се чита во еден здив и претставува вистинско духовно богатство.
– Приказните никого не оставаат рамнодушен, тие се жива врска со минатото и сведоштво за мудроста на народот. Со едноставен, но длабок израз, Георгиевска успева да го оживее духот на кривопаланечкиот крај и да го претвори во трајна книжевна вредност, истакна Додевски.
„Тантелина“ претставува повик да ги зачуваме вредностите што нè прават луѓе – искрено, едноставно и со чистота каква што ја поседува детето.
Мира Георгиевска е истакната авторка, чије главно мото за книгава ѝ е:„На децата да им дадеме крилја да летаат и достигнат несознаени височини, а кога ќе се приземјат да им ги покажеме корените за да знаат за своето потекло и вредностите од кои можат да црпат сила и енергија.“
Авторка е на делата: стихозбирка „Ризница“ и „Народни песни и обичаи од с. Градец – Кривопаланечко и околните села“.
Никола Митовски