×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ГРАЃАНИТЕ ОДЛУЧУВААТ КОЈ ЌЕ ВЛАДЕЕ СО КУМАНОВО И КОЈ ЌЕ ГО ИЗВЛЕЧЕ ОД МРТВИЛОТО

    03.08.2015 22:00 | KumanovoNews

    Зоран Ѓорѓиевски, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ

    ГРАЃАНИТЕ ОДЛУЧУВААТ КОЈ ЌЕ ВЛАДЕЕ СО КУМАНОВО И КОЈ ЌЕ ГО ИЗВЛЕЧЕ ОД МРТВИЛОТО

    Одговорноста кој ќе владее со градот е на граѓаните. Тие даваат мандат и требаше да имаат сенс на кого му даваат легитимитет да го извлече градот од ова мртвило во кое  се наоѓа. Ако  не им смета тоа мртвило по 23 години самостојност, не треба да се очекува помош без учество на локалната власт.

    Повторно сте избран за член на Извршниот комитет, највисокото партиско тело. Тоа, очигледно, подразбира дека ја имате довербата од партијата. Но, ќе ги подредите ли партиските интереси на приоритетните интереси на градот и граѓаните?

    По мандат од две години, кој заврши во мај 2015, добив нов мандат во врвот на партијата, по предлог на претседателот, а со одлука на Централниот комитет. Тоа е многу одговорна функција, која бара голем ангажман, голем интенгритет. Јас се надевам дека во интерес на партиското членство на ВМРО-ДПМНЕ, Општинскиот комитет и граѓаните на Куманово, оваа позиција ќе ја искористам за промовирање и бенифит за Kуманово од страна на актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

    Покрај тоа што сте во највиското партиско раководство, Вие сте и пратеник. Кои активности планирате да ги реализирате во наредниот период за нашиот град?

    Дел од плановите, кои ги имам во Програмата за локалните избори 2013 година, полека се реализираат. Една од точките беше обележување и осветлување на влезовите и излезите на градот кон Коридорите 8 и 10. Осветлувањето на автопатот Куманово- Табановце кај бензинската пумпа Макпертол веќе е завршено, а сега се работи во населбата Карпош. Тука е неопходно и решавање на проблемот со дивата индустриска зона во Карпош, бидејќи сопствениците бараат ново сообраќајно техничко решение, кое ќе овозможи непречено да се приклучуваат на клучката. Тоа останува да се заврши во некоја друга фаза. Од другите проекти кои ги планираме се изградбата на спортската сала во Техничкото училиште за што во тек е изработка на техничката документација. Има некои потешкотии, но се надевам дека надлежното министерство во најскоро време ќе ги реши проблемите и дека ќе започне изградбата. Следниот проект е изградба на Ургентниот хируршки центар во Куманово, сон на сите хирурзи во Куманово. Целта е , конечно, да излезат од прочуениот подрум на Кумановската болница. Таа идеја на моите колеги, ја преточив во едно барање до врвот на партијата. Тој проект не беше во програмата за локалните избори, но благодарение на разбирањето на министерот за здравство влезе во програмата и во моментов во завршна фаза е изготвувањето на проектната документација. Јас се надевам дека во најскоро време ќе отпочне и изградбата на објектот. Постоечката хируршка амбуланта, која се наоѓа во подрумските простории, ќе биде заборавена и Куманово ќе добие современ Ургентен центар каков што и доликува на најголемата локална самоуправа во државата.

    Како пратеник од позиција, за што сметате дека треба да се обедините со локалната власт  и да ги надминете политичките разлики во интерес на градот и граѓаните?

    Во интерес на градот и на граѓаните, клучно прашање и голем проблем е водоснабдувањето на градот. Минатата година, јас и колегата од ДУИ, Реџо Исмаили, инициравме средба со министерот за водостопанство и сите засегнати страни. Дојдовме до некое решение, меѓутоа договорот не беше потпишан. Проблемот може да се реши само ако политиката излезе од него. Овој проблем е должничко-доверителски. Двете претпријатија се врзани садови и во интерес на нивното опстојување мора да се седне и да се реши проблемот без политика. Секое мешање на локалната власт, како што тоа таа го правеше во многу наврати, особено во предизборието, мора да се заборави. Нехумано е со потребата за вода да се манипулира со граѓаните. Политиката треба да се вмеша само за добивање на поголеми количини вода на градот. Водоводот е правен пред 50 години и мора да се размислува за дополнителен вод и извори за снабдување на градот со вода. Политиката не треба да им одмага, туку да им помогне на овие две фирми.

    Граѓаните сметаат дека Куманово е заборавено од централната власт.Тоа се провлекува со децении наназад, дури и кога сегашната опозиција била на власт. Го делите ли тоа мислење и сметате ли дека во Куманово историјата се повторува независно од тоа кој е на власт и дали локалната и централната власт се од иста или различна политичка определеност?

    Таа перцепција дека Куманово е заборавен град не е отсега, присутна е со години наназад. Политичките структури, кои го раководеа овој град, со многу работи допринесоа состојбата да биде таква. Одговорноста за тоа треба да ја понесат тие.  Одржувањето на конгресот, најголемиот политичко-партиски настан на ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека централната власт не го заборавила Куманово. Целиот тој настан покрена низа активности и мерки за да се подобри состојбата во Куманово. Свесни сме дека со законот за децентрализација за многу прашања и на централната власт и се  врзани рацете. Мене ми е несфатливо како во Куманово се уште не започна  изградбата на индустриската зона. Градоначалникот прогласува ниви за индустриска зона, а нема изградено никаква инфраструктура. Па како ќе најде стратешки партнери? Во индустриска зона на гола нива, каде што нема ништо, нема да дојде ниту еден странски инвеститор и да вложи пари, а потоа да трча од шалтер до шалтер и да вади документи за инфраструктура. Тоа општина Куманово мора да го направи. Прво да вложи, па потоа да и се врати со инвестиции. Во некои помали општини, како што е Ранковце, инфраструктурата ја изгради државата. Но, во Куманово дел од вината имааат и граѓаните, затоа што 25 години на власт е една истата политика и истата  политичка опција. Одговорноста кој ќе владее со градот е на граѓаните. Тие даваат мандат и требаше да имаат сенс на кого му даваат легитимитет да го извлече градот од ова мртвило во кое се наоѓа. Ако на граѓаните на Куманово, кои секогаш биле револуционерни, не им смета тоа мртвило по 23 години самостојност, не треба да се очекува помош без учество на локалната власт. Раководството во последните две години не е присутно во градот да ги решава локалните проблеми на граѓаните за што доби мандат, туку се занимава со работи кои се вон ингеренциите на локалната самоуправа и затоа Куманово се наоѓа таму каде што се наоѓа.

    Меѓутоа, Вие на изборите добивте над 24 000 гласови и малку фалеше да го освоите градоначалнилкото место. Нели сметате дека треба да им се оддолжите на Вашите членови и гласачи со тоа што ќе се борите централната власт да вложува во развојот на градот?  

    Во политиката има само победници и поразени.Нема прво и високо второ место. Значи, во политиката победникот добива се. Тоа е еден аксиом, кој во моментот на опозицијата на централно ниво многу и смета, а на локално ниво и импонира. Меѓутоа, поддшката и  големиот број на гласови што ги добив од граѓаните, јас се трудам со сите мои сили и можности да ги оправдам и да ја задржам нивната доверба.Затоа, дел од проектите во програмата ги реализирам, а се надевам дека ќе има уште. Не оди лесно, сепак во Куманово не сум само јас пратеник, имам 5 колеги, од ДПСМ, ДУИ и СДСМ, но одговорноста за развојот на градот падна само на мои плеќи.

    Се координирате ли со останатите пратенци кога треба да ги застапувате интересите на Вашите гласачи и на граѓаните на Куманово?

    Засега можам да се пофалам дека имам извонредна соработка со пратеникот од ДУИ и за одредени локални проблеми, кои го тангираат градот, имаме и координација и соработка. Но, парадоксот е на локално ниво, каде имаме вештачка коалиција на СДСМ и ДУИ, па работите не ни се баш најиспеглани. Меѓутоа, политиката е таква, мора да се функционира и да се оди напред.

    Што се случува во Општинскиот комитет. Има ли разединетост и фракционерство како што се зборува?

    Таква работа во Општинскиот комитет во Куманово нема. Меѓутоа, одредени разлики во мислењата секојпат имало и секојпат ќе има. Различноста на мислења е придобивка на демократијата. Доколку сите мислат исто, тоа не е добро, тоа е едноумие. Разликата на мислењата дава прогрес. Партијата е жив организам, каде ќе се менуваат луѓе, структури и идеи. Истомисленост не е присутна, секогаш има различни мислења од постарите членови, а и новите членови имаат право на свое мислење. Фигуративно да кажам, па и во едно семејство старите и младите немаат исто мислење за одредени работи.Таа разлика во размислувањето и тоа сплотување водат кон напред.

    Сега кога сте далеку од операциската сала ви недостасува ли професијата. Што е потешко да сте политичар или хирург?

    Многу поодговорно е да сте хирург, а резултатите од работата се гледаат многу брзо. Ако нешто е добро или лошо се гледа за кратко време.Во политиката за да се дојде до резултати треба многу труд и време. Работите се многу различни.Од моја гледна точка, пообврзувачка и поодговорна работа е хурургијата. Политиката е со општа одговорност.Не дека ја нема, но не можат сите да ја видат.Одговорноста на хирургот сите ја гледаат. Јас 30 години се усовршував да бидам добар хирург, а сплет на околности придонесе да влезам во политиката. Некој мора и тоа да го работи во интерес на граѓаните на Куманово, во интерес на моето семејство кое е дел од овој град. Не се кајам што влегов во политика, но начинот на функционирање на политиката и на хирургијата се дијаметрално спротивни.