×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Афера со многу непознати

    Дејан Ристов

    По јануарските празнични моменти, следуваше “бомба” во февруари! Долго најавуваната сензација на Зоран Заев и СДСМ, конечно беше презентирана на прес-коференција на 09.02.2015. На 15.02.2015 се реализира и втората објава на нови материјали од прислушкувањето и последната до сега на 20.02.2015. Зоран Заев во неколку наврати изјави дека има материјал од прислушкување на 26 000 илјади граѓани на Република Македонија, и дека планира да ги објави сите кои се поврзани со наводните криминали и злоупотреби на актуелната власт. Објавување на разговорите предизвика бурни реакции во јавноста, делуваше многу збунувачки и вознемирувачки за повеќето граѓани кои и посакуваат се најубаво на својата земја и кои се загрижени за својата приватност. Според Заев откако ќе се објават сите материјали, ќе падне коалицијата на власт и Македонија конечно ќе станела слободна земја.

    Зошто чекаше неколку месеци за да ги објави материјалите од прислушкувањето? Кои се мотивите за објавувањето, доброто на државата или по секоја цена рушење на власта? Кој го организирал прислушкувањето и ако според СДСМ, директорот на УБК, Сашо Мијалков е инволвиран зошто како што слушнавме на втората и третата прес-коференција, дозволил и негови разговори да бидат снимени?Зошто постепено, односно, дозирано се презентираат материјалите и каде е тука јавниот интересот? Дали  оправдувањето на Заев дека првично презентираните материјали прво треба убаво да се искоментираат во јавноста, да легнат во меморијата на сите, за потоа да се продолжи со објавите на останатите е одлика на еден одговорен политичар?. Имам чувство, како да се забавува некој со оваа афера. Не ја разбирам потребата да се прави шоу од оваа мошне опасна работа која ја загрозува целокупната безбедност на државата. Во едно интервју пред неколку дена Заев изјави дека разговорите што се однесувале за приватни работи нема да бидат објавени, ќе останеле тајна, и затоа им требало неколку месеци  да  го прочистат материјалот пред да почнат со објавувањето. Како може да остане тајна кога за таква операција би било потребно стотина луѓе целосно да го обработат материјалот и која е гаранцијата дека нема некој од прислушуваните да биде уценуван? Има многу  прашања на кои треба да се даде одговор меѓу кои и тоа кој всушност прислушкувал и за какви цели? Она што може да се забележи дека граѓаните се запрепастени од најновите настани бидејќи оваа ситуација е крајно ненормална и тешко може да се спореди со некоја друга во изминатите неколку години на перманентна политичка криза. Потребна е што поскоро разрешница на оваа криза која ја доведува во опасност безбедноста на граѓаните и  државата. Последиците од оваа афера која сите ги потресе можат да бидат огромни и далекусежни. Она што може да се забележи е дека одредени политичари и интелектуалци со проопозициски ставови, веднаш се обидоа оваа афера да ја стават во корелација со меѓу-етничките односи и да најават влошување на безбедносната состојба преку судири кои да ти биле последица на неодговорниот однос на власта. Секој судир во општеството, една иста група на луѓе од политиката и невладиниот сектор го поврзуваат со фрагилните односи меѓу Македонците и Албанците, што јасно ни покажува коjа е причината што напорите за нивнотo подобрување сите овие години независност, бележат скромни резултати. Очигледно е дека некој сака  тензии во Македонија, раскарани граѓани на етничка, верска и партиска основа, јазот помеѓу нив се повеќе да се продлабочува со тенденција да кулминира во граѓански конфликт со што ќе биде доведен во прашање опстанокот на државата. Потоа според истите стратези, би требало  прогресивните сили од опозицијата да ја решат кризата и како специјално лиценцирана “слободарска авангарда” да се устоличат на власт. Оваа афера наречена “Пуч”, би требало да иницира голема разврска во Република Македонија. Откако ќе помине оваа гужва очекувам да се разјаснат многу работи околу одговорностите и конечно да се стави крај на оваа преторијанство во политиката, која го гуши македонското општество и е главна кочница за развојот на Република Македонија како правна, демократска и просперитетна држава. Крајно време е да се расчисти со штетниот опортунизам на  некои луѓе во политиката, кои не бираат средства да дојдат на власт, па дури тоа да претставува и соработка со агенти на тајни служби преку прислушкување и злоупотреба на телефонски разговори на илјадници граѓани. По ова мора да се сфати дека Уставот треба да се почитува во целост, а со тоа и загарантираните со него права и слободи на граѓаните. Одговорноста на носителите на политичките функции како и на сите други политички фактори треба да биде беспрекорна, не смее да се прави компромис со ништо што ќе го доведе во прашање фунционирањето на правната држава. Само така ќе се гради повисоко ниво на политичка култура, во еден демократски и плурален амбиент. На крај она што треба да биде финале е враќањето во нормала на системот за безбедност, кој е силно погоден од оваа афера, и за кој е потребна консолидација, зашто само така ќе може  државата успешно да се справува со идните безбедносните предизвици.

    Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*