×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • БЛАГОРОДНИЧКА ГЕНЕРАЦИЈА

    Ивица Алексовски

    Непреод и небидие. Непокор и распетија. Со такви тули, Анте Поповски ги соѕидал поетските палати во зората на шеесеттите кога македонското социјалистичко општество свртува кон интензивната индустријализација. Современото творештво пулсира со духот на времето и таму врежува трајна благодарност кон воените генерации кои, на дваесетина години по 11-ти Октомври и 11-ти Ноември, задоволно, изгледа, го живееле посакуваното: од заробена и безгласна, до ослободена Македонија, на прагот на економскиот бум.

    „Од брегов тебе - маченик, до тебе брегот – недостижен!“ – поетот Поповски ги исцртува во просторот границите на возможното, суштинската, историска преобразба на Македонија од дваесеттиот век, во која народот - од роб, станал напреден стопан.

    Творечкиот ентузијазам од раните шеесетти пристигнал и во Куманово. Граѓаните подзастанувале заинтересирано спроти поранешен „Мостар“, пред релјефот на слободата, привлечени од симболиката на „Овој пат води од твоето небидие до тебе“ и јавно дебатирале за значењето на стихот на Поповски, нарочно на зборот „небидие“.

    „Наш весник“, новороденчето на кумановскиот медиумски простор, во третиот број, на 29 ноември 1961 година, ја олеснил дебатата која кумановци интензивно ја воделе на плоштадот „Маршал Тито“ и во кус текст, под насловот на оваа кумановска мистериозна реченица објаснил дека небидие е ропството; како небитница, во локалниот говор, како небиднина и проклетството, во македонскиот јазик.

    „Овие релјефи, народе“ – „Наш весник“ почувствувал да дообјасни, „го покажуваат твојот пат, од твоето ропство (небидие), до слободата – до тебе, што си сега ти!“, непосредно обраќајќи му се на младото кумановско граѓанство како да ги толкува трите релјефа од истарски травертин, кои како новина од ангажираната архитектура на плоштадот „Маршал Тито“ ја исцртуваат победата, триумфот на македонската национална борба.

    Далеку од вистината е дека преживеаните соборци на Магдалена и Карпош, Бајрам и Боро имале суптилни маркетиншки способности за глорификација на делото на нивниот современик Поповски, но неспорно, како што тој, од неафирмиран поет, станал великан на македонската современа поезија, така, за благородништвото на кумановските борци раскажува секој агол на градот-херој; не единствено, трите релјефа и гордоисправената „Македонка“ од помалиот плоштад.

    За илустрација, трудот на нашите баби и дедовци за петнаесетина години од 11-ти Ноември 1944 година го зголемила бруто-домашниот производ на Куманово од почетните шест, на дванаесет милијарди динари; 4500-те вработени по ослободувањето, на 17-иот Ден на градот нараснале на 12500, а претседателот Тито во 1961. посетувајќи ја Фабриката за заварени цевки и профили, непогрешливо го нарекол Куманово – македонскиот Шефилд...

    Фотографиите од пред приближно еден век, кога Куманово ги бележело родендените на овие благородници, со ништо не укажуваат за, условно, квантниот скок во историјата, кому сведочиме и на петстотте години од првиот запис за Куманово. Непристрасниот шефилдовец од погоре, во споредбата на Куманово, помеѓу двете светски војни, со современото Куманово би изустил: „Everything`s earned, not given!“, факт којшто поради интензивното учење на германскиот и мечтаењето за совршеното западноевропско „утре“ – едноставно, не го почитуваме!  

    Го замолчувам циникот во мене, секогаш кога великиот Анте среде центарот на Куманово ќе ме потсети дека овој пат води од моето небидие до мене. Немам право да му допуштам да му ја сквернави трогателната песна „Мојот народ пред распаќа“ со заклучокот дека обратното стана општо место меѓу кумановците. Зарем ќе дозволиме Куманово да не го биде?!

    Немаме право поради згаснатите животи на Магдалена и Карпош, Бајрам и Боро, поради нивните знајни и незнајни преживеани соборци – продолжувачи на славното револуционерно дело. Поради нивната благородничка свест која го потсетува трезвениот во мене дека сите приказни за Куманово, раскажани на туѓ јазик, меѓу туѓинци – можеби ќе предизвикаат почит, но не и љубов!

    Непокорните благородници покажаа оти на овој простор нема невозможно. Нема непреодно и недостижно.

    Благородништвото е наследно.

    Со љубов за Куманово. Честит нека ни е Денот на градот!

    Ивица Алексовски Ивица Алексовски, Центар за комуникации, ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*