Минималната плата, инфлацијата и реалноста на македонското стопанство
Деновиве во државата се води жестока дебата, проследена со радикализација на активностите на таканаречените „државни синдикати“, кои бараат зголемување на минималната плата со цел работниците да можат да ги следат растечките трошоци на
живот.
Како и за многу други прашања во Македонија, јавноста е поделена на две дијаметрално спротивни позиции. Едните ги оправдуваат барањата, другите ги оспоруваат. Наместо емоционални реакции и политички квалификации, потребна е рационална економска анализа.
Структурата на нашето стопанство
Во Македонија има околу 75.000 – 80.000 активни деловни субјекти. Од нив:
- 95% се микро претпријатија (0–9 вработени) – околу 71.000 до 75.000 фирми
- 4% се мали претпријатија (10–49 вработени) – околу 3.000
- помалку од 1% се средни (50–249 вработени)
- големите компании се околу 0,3%
Заклучокот е јасен: речиси целото стопанство е составено од микро фирми.
Во Европската Унија, пак, од вкупно 23 милиони компании:
- 93% се микро
- 6% се мали
- 1% се средни
- 0,2% се големи
Разликата е суштинска: ЕУ има значително поголема „средна класа“ на бизниси – токму оние што носат продуктивност, извоз и додадена вредност.
Зошто микро фирмите кај нас не растат?
Проблемот не е еден, туку структурен.
1. Недостаток на капитал – микро фирмите работат со сопствени средства, без пристап до поволно финансирање. Без инвестиција нема автоматизација, модернизација ниту извоз.
2. Зависност од сопственикот – во микро фирмата сопственикот е и директор, и сметководител, и продавач. Нема систем, нема менаџмент структура. Растот е лимитиран од капацитетот на една личност.
3. Ниска продуктивност – нема економија на обем, набавките се поскапи, трошокот по единица е висок.
4. Административен товар – истата регулатива важи за микро и за голема фирма, но кај малите фиксните трошоци се релативно многу повисоки.
5. Страв од ризик – многу сопственици избегнуваат кредит и проширување, водејќи се од логиката „подобро мал сигурен профит отколку ризик“.
6. Ниска извозна ориентација – без извоз нема вистински раст.
7. Недостаток на квалификуван кадар – образованите луѓе заминуваат во странство или работат за странски компании.
8. Проблем со ликвидност – наплатата доцни 60–120 дена, резерви речиси и да нема.
Во ЕУ микро фирмите почесто прераснуваат во мали затоа што имаат стабилна правна рамка, пристап до финансирање и поддршка за дигитализација.
Што значи зголемување на платите во ваква структура?
Да разгледаме едноставна симулација.
Претпријатие со годишен приход од 6.000.000 денари и маржа од 5% остварува добивка од 300.000 денари. Структурата на трошоци е приближно:
- Плати: 40%
- Суровини: 25%
- Енергија: 10%
- Транспорт: 8%
- Други фиксни трошоци: 12%
- Добивка: 5%
Ако имаме:
- раст на плати од 10%
- раст на енергија од 15%
- раст на суровини од 8%
- раст на транспорт од 10%
вкупните дополнителни трошоци изнесуваат околу 498.000 денари.
Почетната добивка од 300.000 денари се претвора во загуба од 198.000 денари.
Мала фирма со маржа под 10% е екстремно чувствителна на инфлација. За да ја задржи маржата, мора или да ги зголеми цените (што дополнително ја поттикнува инфлацијата), или да ја зголеми продуктивноста.
Стравот од Владата – рационален или политички?
На прв поглед, зголемувањето на минималната плата би значело поголеми даночни приходи. Но ако голем дел од микро и мали претпријатија станат нерентабилни, ефектот може да биде спротивен: затворање фирми, губење работни места и намалување на даночната база.
Проблемот не е во самата идеја за повисоки плати, туку во структурата на економијата што не создава доволно додадена вредност за тие плати да бидат одржливи.
Структура на плати (реална распределба)
Според достапни статистики за распон на плати во Македонија:
Приближна распределба:
Плата (нето) % од вработени
до 400 € ~8%
400–500 € ~18%
500–600 € ~20%
600–800 € ~30%
над 800 € ~24%
Ако минималната плате стане 600 €, сите што денес земаат под 600 € ќе мора да се израмнат на минимум.
Тоа значи:
8% + 18% + 20% = 46% од работниците
46% од 510.000 =234.600 работници
Фискален и економски импакт
Ако 234.600 луѓе добијат просечно +150 € месечно: 234.600 × 150 € = 35,2 милиони € месечно = 422,28 милиони € годишно дополнителен трошок за труд.
Тоа е огромен макроекономски шок. Што ќе се случи потоа?
Ефект на платна структура
Ова создава т.н. compression effect (стиснување на скалата):
работник со 610 € ќе бара зголемување,работник со 700 € исто и целата структура се поместува нагоре. Реалниот број на погодени работници може да стигне и до: 300.000+ лица (60%) ако има spillover ефект.
Ако половина од економијата добие +50% плата. Потребна продуктивност во тие сектори треба да се зголеми за 40–50% , или ценовен раст од 15–25% во трудоинтензивни сектори што само по себе ќе предизвика инфлација.
Што би било потребно за да нема инфлација
Треба да се делува фазно во неколку години( мој предлог е 5 години). Ако сакаме 600 € плата нето за 5 години „без шок“ треба да се направат 3 работи истовремено: предвидливо темпо (не скок одеднаш), раст на продуктивност + инвестиции (за да не се прелева во цени), помал даночен клин на ниски плати (за фирмите да не „пукнат“).
Ќе тргнам од фактите што ги имам: сегашен минимум (март 2025): нето 24.379 ден (≈397 €). Државната формула за минимална плата е законски и преку ЕСС (50% раст на просечна плата + 50% раст на трошоци за живот и гаранции). Синдикална проценка: 40.000 се на минималец.
1) Колкав раст годишно треба за 600 € за 5 години?
Од 397 € до 600 € за 5 години бара приближно +8.6% годишно (рамномерно).
Таргети по години (нето),(ориентир, со курс ≈61.6 ден/€)
Година Нето минимум (€)
Старт 397
+1 431
+2 468
+3 509
+4 552
+5 600
Ова е „мазно“ качување – најважно за да нема шок.
Правило за „без инфлациски шок“
Да не настане ценовен шок, мора да се почитува правилото раст на нето минималец ≈ раст на продуктивност + (дозволен мал ценовен ефект) + (намалување на даночен клин).
Практично, ако целиме минималецот да расте 8.6% годишно, тогаш секоја година треба пакет:
Минимален „баланс“ што работи,продуктивност: +4% до +5% годишно,даночен клин (олеснување на придонеси/данок за ниски плати): еквивалент +2% до +3% годишно,ценовен ефект (дозволен/контролиран): +1% до +2% годишно.
Така се стигнува до 8–9% раст на минималец, а притисокот врз цени останува мал.
Тоа ќе се постигне со Зголемување на плати 2 пати годишно (на пр. март и септември): по 4% + 4%.
Второто зголемување се активира само ако:
продуктивноста (реален раст на БДП по вработен/извоз по работник) е над праг, или има договорена компензација преку даночен клин/инвестиции.
за плати до 600€ нето, државата постепено намалува придонеси/данок (или дава даночен кредит на работодавач) така што фирмата плаќа помал „дополнителен бруто трошок“ при секое зголемување, олеснувањето се намалува (phasing out) кога платата ќе надмине 600€.
Ефект: работникот ја добива платата,фирмата не добива „удар“ одеднаш, државата дел враќа преку повисока формализација и повисока наплата.
„Анти-шок“ мерки (што спречуваат инфлација и сива економија)
Строга контрола на spillover: растот над минималец да биде преку продуктивност/колективни договори, не панично.
Поддршка само за фирми што прикажуваат промет и плаќаат придонеси (инаку ги наградуваш неформалните сива економија).
Фонд за продуктивност: грантови/кредити со KPI (ако не сепостигне – враќање дел).
Што е „успешен исход“ по 5 години што ќе се добие?
Минималец 600€ без скок, ценовен притисок главно држен на 1–2% дополнително во трудоинтензивни сектори (а не 10–20%),помал ризик од отпуштања и сива економија, раст на средни фирми (затоа што растот е врзан со инвестиции).
Македонија е мала, увозно зависна економија со ограничен пазар. Имаме увозна инфлација( бидејќи курсот на денарот е врзан со еврото), висока енергетска зависност и недоволно развиена индустрија.
Долгорочното решение не е во политички слогани.
Тоа е во производство, извоз и продуктивност.
Сè останато е политика.
д-р Миле Јакимовски, доктор по агроекономски науки
Други колумни од д-р Миле Јакимовски
По утрото денот се познава
30.08.2025
Василичарска приказна
11.01.2011
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*