×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Да светне денот!

    Сашо Тодоровски

    Денешно време, 2016 година,  1 мај - денот на работникот и денот на трудот.

    Работнички ден, момент кога трудот е ставен на прво место бидејќи од него произлегува сè – и напредокот и подобриот живот.

    Го пишувам текстот и се прашувам колку само е обезвреднет тој ист ден и тој работник денес во Македонија. Колку неговиот труд е платен, и дали вреди за тоа колку што е платен да се труди и да работи? Живееме во, односно создадовме општество каде работникот е ставен на маргините на истото, и каде тој е човекот што одвај преживуваа и живее само колку за да преживее. Дали некогаш сме се запрашале колку тој работник е заслужен со својата работа за останатите дејности во државава, и колку неговиот труд е важен за да другите кои не работат во директното производство редовно ги земаат своите плати? Во секој случај, би требало да е така во една здрава држава која не е зависна, и не треба да е зависна од секојдневни задолжувања и кредити за да ги исплати платите на своите граѓани. Работникот е моторот на едно општество, на една држава, фабриките се мускулите на таа држава, скелетот, коските, тие го придвижуваат телото и создаваат живот.

    Изминативе години ние со погрешните политики буквално го убивме работникот, му ја исцедивме и последната капка пот – и не му овозможивме надеж и поглед кон посветла и подобра иднина.

    Честопати знаеме да го критикуваме Западот за лошите работи кај нас, но на тој ист Запад работникот ја зема една од најголемите плати во општеството и може убаво и солидно да живее од истата, да си ги исполни сите свои потреби, да си овозможи живот достоен за човек. А кај нас? Кај нас работникот е обесправен во секој поглед – ја зема најниската плата во државата, често истата доцни и не се исплаќа, газдите наоѓаат разноразни незаконски модалитети во спрега со државата да не му исплатат на работникот здравствено, социјално и слично, и сето тоа поминува неказнето од оние кои треба да го спроведуваат законот. Каде се тука слободните денови, одморот за празниците, прекувременото работење кое треба да се плати и слично?

    Огромни се проблемите на нашиот работник!

    Кога веќе еднаш ќе ги отфрлиме вкоренетите стихови од Кочо Рацин ,,За туѓи бели дворови - копај си црни гробови!,, и ќе почнеме да функционираме на еден поинаков начин, на начин каде државата ќе се погрижи за своите граѓани, а граѓаните ќе ја сакаат и почитуваат истата.

    Многумина ќе кажат - тоа се интернационални компании, конзорциуми – тие си имаат свои услови за работа, толку плаќаат и точка. А зошто почитувани сограѓани не плаќаат толку во Германија, Холандија,Шведска и Австрија. Како таму може работникот да зема 3000 евра, а кај нас едвај 200? Па не се тие на Марс, а ние на Венера! Само  околу 1000 километри не делат од тој систем. Но проблемот очигледно е друг! Некој им ветува на тие инвеститори дека нашиве луѓе ќе работат за таа плата од 250 евра, ја договараат таа сума тие доаѓаат и плаќаат  толку. Едноставно. Скоро секој газда доколку има можност би го направил истото, за помалку пари да му врви работата, и тој да го собира кајмакот. Па нели пред извесно време имавме случај каде една инвестициска фирма која била пред  банкрот и благодарение на парите кои и ги дала нашата влада ( 18 милиони евра, а тоа се наши народни пари) истата се спасила од банкротот и го продолжила производството во Македонија. Производството од кое повторно на нашиот работник му припаѓаат мизерни 250 евра!

    Значи проблемот е решлив во секој случај, само е потребно оние кои навистина ја сакаат својата држава кога ќе ги привлекуват странските инвеститори да внимаваат какви договори потпишуваат и да им биде јасно дека и македонскиот работник сака да работи за поголема плата, дека и македонскиот човек заслужува да живее живот достоен на човек, а не да работи колку за да заработи. За да го постигнеме оваа потребни се коренити промени и во нашата колективна свест како народ и како граѓани дека барањето за повисока плата не е баук, туку реална потреба во реално време и условите кои ги имаме во 21 век.

    Нека ни е честит Велигден, и 1 Мај со мисла дека подоброто време ќе го создадеме сите заедно.

    Сашо Тодоровски Сашо Тодоровски, портпарол на СДСМ Куманово.

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*