×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Лајк за културата

    Сашо Тодоровски

    Периодов кој помина и оној кој следи ќе биде тежок за културата, но само доколку останеме пасивни и не се обидеме да се приспособиме на новонастанатата состојба предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

    Во светот, претходно имало многу слични состојби, но сепак оваа е нешто поинаку и ќе остави далекусежни последици на сите полиња. На прво место, сите нѐ засега економијата, можноста да се сочуваат работните места и да се задржи економската позитива, но исто така во ова време најпогодена е и културата, односно нејзиниот развиток и пред сѐ опстанок во овој момент.

    Уметноста и културата која пред сѐ бара интеракција со публиката, а во најголем дел културата тоа и е–интереакција со аудиториумот, едноставно е замрена и оставена на чекање. Таа претставува повеќенасочна комуникација, без разлика дали гледате слика, фотографија, танц или театар, а во голем дел од уметноста за да се оствари комуникација, потребно е да сме заедно.

    За културата можеби ќе треба да помине и најдолг временски период за да се врати во својот полн сјај. Културните работници се оние кои го носат товарот, бидејќи тие се оние кои имаат дирeктен контакт со публиката, чија уметничка експресија се наградува со аплауз. Аплаузот сега е заменет со лајкот на социјалните мрежи. Откажани се претставите, угаснати се рефлекторите, спуштени се завесите, микрофоните се на подот... Културата и уметниците кои живеат од својот продукт во моментов се оставени да чекаат, а до кога тоа не се знае. Во моментов е потребна голема поддршка за културата, за културните работници, секоја помош е добредојдена.

    Најважно е сега да им се помогне и на оние подзаборавени уметници, кои можеби се на страна, креативци кои не се во институциите, а се занимваат со создавање на култура, да се поттикне нивната креативност, да им се овозможи сигурност во овие кризни времиња.

    Но и публиката е оневозможена да ги следи културните настани на кои им аплаудираше. Уште од Аристотел ни е позната важноста на катарзата којашто публиката ја доживува во театрите, која го ослободува човекот и му помага да се соочи со себеси и во најтешките моменти.

    Во оваа време во кое сите ние ненајдено се најдовме, мора да се обидеме да се прилагодиме, да пронајдеме начин да ја оживееме културата и културната понуда до нашата публика. Да се обидеме да создадеме продукт кој ќе допре до публиката која е дома, да се обидеме да создадеме нешто кое можеби ќе се реализира надвор на отворено, на растојание, со малку луѓе, а сепак да се создаде и понуди уметничка експерсија.

    Во моментов сите сме исплашени, а тоа е и нормално со оглед на ситуацијата во којашто се наоѓаме. Но, ќе изнајдеме начин да понудиме уметност, да подариме културни отчукувања кои ќе го убрзаат крвотокот на нашето општество, на нашиот град, зашто кога сѐ ќе помине уметноста и културата е она коешто ќе го обедини и возобнови општеството. Вистинскиот уметник ќе ја подари уметноста на публиката во секое време и на секое место. Ние како Центар за култура и Театар Куманово, веднаш, започнавме со активности на онлајн претстави, музички пораки и концерти, онлајн конкурси за најмладите. Подготвуваме и некои интересни изненадувања за нашата публика со кои ќе допреме до неа, а размислуваме и се обидуваме да направиме и план што и како понатаму доколку оваа ситуација потрае.

    Сигурни сме дека ќе успееме да ја поставиме културата и уметноста на висок пиедестал и во вакви околности. Културните работници се тука со свои идеи кои секако ќе допрат до пошироката публика. Ние сме во тек на реализација на креативно читање на текстови од детски книги кои ќе бидат интерпретирани од нашите актери во соработка со една издавачка куќа.

    Доколку наскоро се укинат некои од мерките, ќе продолжиме со подготовка на претставата „Вообразениот болен“ која започнавме да ја подготвуваме пред кризата, па секако можеби во некој од месеците кои следуваат ќе понудиме интересна комедија. Историјата на уметностите нѐ учи дека во тешките времиња на луѓето треба да им понудиме некој убав настан, нешто ведро, весело кое на сите ќе ни даде мотив за понатаму низ животот. Секако дека за уметноста и културата се потребни финасии, кои во моментов можеби ќе ги има во помал обем, но ќе пронајдеме начин тоа да не нѐ попречи во плановите коишто ги подготвуваме за следниот период, за кои се надеваме дека ќе бидат достапни на јавноста и публиката за многу брзо време.

    Сашо Тодоровски Сашо Тодоровски, портпарол на СДСМ Куманово.

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*