Дали државата се движи во вистинска насока? Прашање што се почесто се поставува во разни истражувања,кои повеќето имаат една иста цел, а тоа е да се добие посакуваниот негативен одговор во што поголем процент и врз основа на тоа да се заклучи дека главните креатори на домашната и надворешната политика последниве десет години, имаат направено кардинални грешки.
Ова прашање е само пропагандна модификација на неговите претходници од типот – „Дали ќе опстанеме како држава?“. Дали можеби не сме способни да управуваме со сопствената држава? -Заслужуваме ли да имаме своја држава? и слично. Иако на прв поглед ја нема фаталноста на претходниците, сепак гледано во поширок контекст може да се забележи апокалиптичноста на погрешната насока која води до со децении најавуваниот амбис. Кризата продолжува и како никогаш до сега во овие две години,исполнета со тривијалности како дел од генералната пропагадна агресија врз граѓаните. Агресорите во квази-авангардната опозиција успееја максимално да го стеснат изборот на работи кои луѓето се уште ќе можат во иднина да ги доживуваат како извесни,предвидливи неранливи од мрачното политиканстско секојдневие во кое се повеќе се давиме. Списокот и понатаму ќе се намалува се до моментот на крајна дезоириентираност и слабост, која народот ќе го приклешти и така во безизлез и ќе го натера во очај да бара инстант решение за конечно финиширање на овој кошмар.
Пропагандата си ја врши својата работа ,заедно со силеџиската суспензија на демократските институции и се повеќе го зголемуваат процентот на луѓето кои сметаат дека Македонија се движи во погрешна насока. Недовербата се шири како зараза и достигнува епидемиски размери. Дел од опозицијата предводена од СДСМ и група на невладини органзиции, се во голема кампања да докажат дека Македонија е најлошото и најпроклетото место на планетата Земја. Дека со самото раѓање на ова парче земја ,со себе носиме едно огромно бреме од страдања и тешки понижувања,нормално се потенцира периодот од последниве десет години. Не одмораат воопшто,во секоја прилика посебно во присуство на млади луѓе ,трујат со очај и малодушност ,ги испраќаат младите на сите страни по светот само тука да не останат,а со цел нивната приказната за ужасниот режим да стане вистинска.
На првиот ден од 20-от конгрес на СДСМ, Зоран Заев во крајно егзалтирана состојба кажа дека денеска нема живот во Македонија и дека режимот ги брка младите. Повторно играат на картата на незадоволство,да предизвикаат што повеќе огорченост и омраза кон нивните политички противници. Последниве две години,перманентно и со силна логистика ја држат Македонија во криза,предизвикуваат атмосфера на несигурност и потоа откако ќе стане очигледна ја констатираат како и се поприсутниот страв и очај во очите на граѓаните. Оваа нивна општествена декадентност денеска добива ново лице во ветувањето на Зоран Заев за спокојна иднина.
Овој потег на СДСМ кој претставува врв на цинизам не е изненадување ,бидејќи заморот е огромен кај граѓаните кои се погласно бараат што поскоро решавање на политичката криза. Точно е дека неспокојот не има сите обземено ,дека владее чудење за хаосот,вештачки создаден за да уништи секаков обид за ред и поредок, кој треба да генерира рационална извесност.
На првиот ден од својот Конгрес, СДСМ излезе со паролата „Човекот пред се“, истиот човек кој пропагандно и насилнички го таргетираат, сега во новата програма за избори лицемерно го најавуваат како приоритет. Најавуваат достоинствен живот ако дојдат на власт а многу пати до сега го имаат погазено достоинството на секој граѓанин.
На крај вчудовиденоста од последниот говор на Зоран Заев каде несвојствено за него и СДСМ, го најави човекот како приоритет,траеше само неколку минути, кога уште еднаш го избриша човекот со паролата дека “Нема индивидуална , без колективна среќа! Ова е повеќе за идеолошка расправа но сепак во случајот многу добро покажува на каков политички театар сме сведоци, и ако се земе во предвид и лапсусот околу потребата за лажење ,кој многу говори за потсвеста на Заев, тогаш мачнината од политичката криза уште долго ќе ја тестира нашата издржливост.
Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*