×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Економската (не)еднаквост во македонските семејства

    Доц.д-р Марјан Младеновски

    „Жените раѓаат деца; жените се мајки и сопруги; жените готват, чистат, шијат и перат; жените се грижат за мажите и се подредени на машкиот авторитет; жените најчесто се исклучени од занимања со висок статус и положба која носи општествена моќ“. Овие генерализации, помалку или повеќе можат да се применат на речиси секое познато општество и се смета дека ниту постои, ниту постоело општество во кое жените немаат статус, инфериорен во однос на мажите.

    Патријархалната матрица на уредување на семејните односи, односно доминантниот модел за поделба на улогите во семејството со децении и векови е присутен и на нашиве простори. Ваквиот тип на семејната заедница ја детерминира улогата на жената/мајката во куќните работи и подигањето и развојот на децата. Семејната улога на мажот/таткото пак, е да обезбеди економска сигурност и да донесува одлуки, значајни за семејството. На тој начин беа продуцирани низа неповолни состојби поврзани со помала вклученост на жените во општествениот живот, односно помала партиципација во образовниот, политичкиот и економскиот систем на земјава. Ваквите појави беа најизразени кај жените од руралните области и припадничките на немнозинските етнички заедници.

    Сепак, современите тенденции на демократизација на семејството и рамноправноста во родовите релации несомнено делуваа во насока на надминување или ублажување на ваквите, долгогодишни неповолни трендови. Тргнувајќи од оваа премиса, пред неколку месеци, како Раководител на истражувачки тим се обидов да направам проценка дали и колку ваквите општествени промени продуцираа промена на свеста кај жените во поглед на нивната семејна улога и идентитет. Во истражувачкиот фокус беа семејствата од нашиот, Кумановско-Липковски регион, а акцентите од истражувачките сознанија Ви ги пренесувам во продолжение на текстов.

    Почетна точка во истражувањето беше сознанието дека родовата нерамноправност во најголем дел е заснована на економската нееднаквост. Феминистичките критики го посочуваат токму оневозможувањето до пристапот на економски добра и контрола над женскиот труд како основа на нееднаквоста. Затоа, приоритет во истражувањето беа економските релации во семејството.

    Поделбата на домашните обврски, односно разликата помеѓу „машките“ и „женските“ работи во семејството е вообичаена појава за семејствата од Кумановско-Липковскиот Регион. Тоа значи дека чистењето, готвењето, перењето и сличните секојдневни куќни работи - остануваат и во догледно време исклучиво обврска на жената, независно од етничката припадност и местото на живеење. Чувањето деца е сепак родово сензитивизирано, бидејќи во речиси 2/3 семејства од Регионот тоа е обврска и на двата родители. Сепак, доколку во семејството еден родител е задолжен за грижа и воспитување на децата, тогаш тоа е жената - 30% случаи.

    И покрај желбите за професионален ангажман и напредување, преокупацијата со семејните обврски едноставно не и дозволува на жената да се посвети на сопствените интереси и потреби. Односно, жената честопати е ставена во дилема помеѓу индивидуалните потреби и семејството, при што исходот најчесто е извесен - запоставување на сопствената афирмација. Ако треба некој да се уовршува на индивидуален и професионален план, тогаш тоа треба да биде мажот - за да не „трпи“ семејството.

    Сепак, време за традиционалното кафе - муабет или прошетка со пријателките за жените од Регионот - мора да има (7 од 10 жени). Затоа пак, општествената активност на жените од Кумановско - Липковскиот Регион е - поразителна. Имено, во некаков облик на граѓанско или политичко организирање била вклучена само 1 од 6 жени, односно над 4/5 не се воопшто активни во сферите надвор од семејството. Повторно, недостатокот на слободно време е посочен како фактор за малиот општествен ангажман.

    Сопственоста над недвижните средства, пред се, станбениот простор, во минатото можеше да се одреди само на индивидуална основа. Иако денеска нема такви законски одредби, во практиката повторно имотниот лист најчесто се однесува на 1 сопственик - сопругот (над 70% од семејствата).

    Распределбата на месечните приходи укажува на поголема „демократска“ димензија во однос на сопственичката структура. Имено, во повеќе од 1/2 семејства мажот и жената заеднички ги распределуваат заедничките приходи. Сепак, во повеќе од 1/3 семејства мажот е доминантен во контрола на домашниот буџет, додека жената самостојно располага со приходите единствено во случаи кога сопругот е починат. Постои и ситуација кога месечните приходи ги распоредува „друг“ член во семејството (свекорот на пример) но само во минорен процент (околу 4%) што укажува дека ваквата појава е речиси целосно надмината.

    Ставот „наследството да се пренесува преку машките деца“, иако законски не е коректен, сепак опстојува во скоро 1/2 од семејствата во Кумановско-Липковскиот Регион. Машката линија на наследство целосно доминира во албанските семејства, каде самите жени Албанки (во 3/4 случаи) се согласни со таквата практика, за разлика од само 1/5 Македонки кои се сложуваат со доминацијата на машките деца во наследување на имотот.

    За 3/5 од жените од Регионот, улогата на мажот е примарно во обезбедување на егзистенција за семејството. Статусот на мажот како „хранител - обезбедувач“ го подржуваат 2/5 Македонки и двојно повеќе, односно 4/5 Албанки, што ја допрецизира економската улога на мажот во албанските семејства.

    Разлика во приходите кај мажите и жените е „нормална“ појава за испитаничките од Кумановско-Липковскиот Регион. Имено, ставот дека мажот треба да има поголем приход од жената е прифатлив за над 1/2 од жените, неприфатлив за помалку од 1/3 од испитаничките, а останатите 1/6 немаат цврсто изградено мислење за ова прашање.

    Во поглед на економската активност ситуацијата е генерално неповолна кај жените од Кумановско-Липковскиот Регион, но најлоша е позицијата на жените во руралните подрачја. Имено, скоро 90% од Македонките од Кумановско и над 80% од Албанките од Липковско се изјасниле како невработени. Тој процент е помал во градот Куманово, иако се уште е поголем од процентот на вработеност. Така над 1/2 од Македонките од Куманово и скоро 70% од Албанките од Куманово имаат статус на невработени лица што има големо влијание на нивната економска (не)рамноправност во семејствата, но и пошироко. Сепак, во нашата средина, на невработеноста на жената не се гледа како на проблем еднаков со невработеноста на мажот. Поточно, согласно ставовите за „мажот- семеен хранител“ се смета дека нејзината невработеност не носи еднакви последици по семејството како невработеноста на мажот.

    На крајот, конструиравме и профил на „жена од Кумановско-Липковскиот Регион“, како и модел на родови односи во семејствата од овој крај. Сумарно тоа би изгледало вака: Домаќинските работи (чистење, перење, готвење) се домашна обврска на жената, додека планирањето и воспитувањето на  децата е заедничка одговорност на двата родители. Жената има време за дружење со пријателките, делумно и за сопственото здравје и за сопственото стручно усовршување, но општествено-политичката активност на жените е минимална. Сопственик на имотниот лист најчесто е сопругот, неговата улога е примарна во обезбедување на егзистенција за семејството, и затоа, разликата во приходите кај мажите и жените е „нормална“ појава. Сепак, мажот и жената заеднички ги распределуваат заедничките приходи, но  наследството главно, се пренесува преку машките деца. Битните одлуки во семејството се плод на заедничка одлука на сопружниците, домашното насилство е неприфатливо, а стереотипот за нешколување на женските деца е - надминат.

    Се наметнува генерален заклучок дека е утврдена поголема демократизација на родовите односи во македонските во однос на албанските семејства, каде традиционалните норми се повеќе изразени, особено во руралните средини. Сепак, извесни промени во насока на надминување на патријархалната матрица се забележливи и во овие, потрадиционални заедници и средини.

    P.S.

    Се надевам дека темата на колумната не беше „претешка“ за овој празничен период од годинава. Приликата ја користам и да им ја честитам Новата 2014 Година на сите граѓани на Куманово, а на припадниците на Христијанската религија им ги честитам и Божиќните празници.

    Доц.д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор (ПВПУ Евроколеџ и Универзитет Евро-Балкан) и истражувач

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*