КАКО СТИГНАВМЕ ДО ОВДЕ?

Виктор Божиновски

Знаете и самите дека често и со задоволство ги користам социјалните мрежи за да споделам свои мисли за разни области, особено правото, спортот, културата, музиката, а мошне често и за актуелните политички збиднувања како во Куманово така и во Македонија. Меѓутоа, да ви кажам право, во последно време се помалку и помалку време поминувам на Фејсбук а уште помалку во коментирање на нечии постови. Овде ќе ви кажам зошто.

Отвораш Фесбук, наидуваш на пост на човек кој нешто значи во својата фела или активен или поранешен функционер, сериозен новинар, кој изнесува мислење и став за одредена општествена појава или одредена активност. Отвораш коментари, навредливи, простачки, без никаква смисла. Го отвораш профилот, лажен. Некој ставил лажна слика и никогаш ништо не објавил, ама го има секаде по коментари, навредува. Одма ти текнува на онаа старата “дошло време кога умните молчат а будалите зборуваат“.

Други “коментатори“ пак некултурни, невоспитани, нерационални, време во кое исполитизираноста, алчноста и полтронството станаа главни доблести во државата а ретко кој мисли со сопствена глава. Сите се во состојба на “константна војна“ со секого и сешто, сеуште се расправаме кој е патриот а кој предавник. За жал, време е на ликови кои се “главни фраери“ колку повеќе врескаат и урлаат по противникот, а величаат луѓе со ограничен капацитет.

Така е во целата држава, а ни Куманово не е исклучок, па се почесто си го поставувам прашањето како стогнавме до овде?

Се сеќавам на едно време, не така одамна, пред 15-20 години, кога исто така постоеја спротивставени мислења, луѓето се расправаа, и по цели денови и ноќи, ама со аргументи, не со навреди и подметнувања, и на крајот пак се седнуваше на заедничко кафе без разлика на “исходот“ од расправијата.

Денес веќе не е така. Толку омраза на едно место го тера човек да батали прелистување и да седне да си прочита добра книга или да изгледа некој добар филм. Се се сведува на расправии кои, што е најстрашно, одат во јавност и секој може да прочита за какви банални глупости се работи, прашања кои се решаваат со муабет во канцеларија, на кафе, на ручек, сеедно. Зарем мора цело Куманово да гледа и знае до каде понекогаш нетрпеливоста.

Не можам да разберам зошто е толку тешко да се седне и да се разговара без да се “фрла“ валканиот веш пред целата јавност. И тоа секогаш ќе го искористи оној другиот, кој иако врска нема што се случува околу него, ниту пак разбира за какви прашања се работи, со задоволство “ликува“ на нервозата на првиот.

И сега пак ќе прашам... Како дојдовме до овде? Дојдовме така што народот наш, и така полн со омраза кон се, сешто и секого, луѓе кои во нормални услови не би имало каде ни да кажат нешто умно, ниту пак некој да ги слуша, преку ноќ станаа главни “плукачи“, бидејки некој тоа им го дозволи, невнимавајки за долгорочните последици, и после сите ќе се прашуваат кој е “Бошко М., кој е Мустафа Голубиќ“, ликови, нормално со лажни профили, кои сето ова што го пишувам добро го разбрале на време и сега “ќе си тераат мајтап“ на нивен начин.

Конечно, мислам дека е време или на нас самите да ни дојде умот, или да дојде некој, “да залепи по 2-3 шамари“ и ситуацијата да се врати колку-толку во нормала. Секогаш е подобра првата варијанта, втората секако е поболна.

Виктор Божиновски

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*