Никако да се опаметиме...
Оваа колумна, иако по подолга пауза, се совпаѓа токму по сто дена власт на локалните самоуправи по одржаните локални избори и една година од ужасната трагедија што се случи во дискотеката во Кочани, која однесе 63 невини жртви. Време да се потсетиме што точно се случи во таа трагедија, преку останатите случувања во државата и нашето општество, па се до она што може да забележиме дека се случува со старо-новите раководства на општините низ Македонија, вклучувајќи го и Куманово.
Она што во текот на постапката против обвинетите дознаваме е дека многу работи на многу нивоа функционирале ужасно или воопшто не функционирале, но истовремено секојдневно гледаме дека обвинението против повеќе од 30 физички и правни лица воопшто не оди во посакуваниот правец, пред се, благодарение на лошо подготвениот обвинителен акт. Имено, обвинителите имаат проблем да ја докажат причинско-последичната врска помеѓу она што се случувало во институциите и самиот настан во дискотеката. Едноставно, не може да се докаже дека некој си таму службеник во Министерството за економија, или уште помалку на некој министер или директор на институција, само со својот потпис се согласил на последиците од трагедијата во Кочани. Ова е класичен пример кога се постапува под притисок на јавноста, а не се гледаат доказите онакви какви што навистина се. Од она што досега видовме во постапката на крај ќе излезе дека само сопственикот на дискотеката и починатите членови на групата ДНК се виновни за она што се случило, а токму тоа го кажуваат сведоците предложени од обвинителството. Неколку мои колеги побараа преиспитување на обвинението затоа што вака како сега е поставено, апсолутно не може да се докаже дека таму некој службеник е виновен за трагедијата само затоа што ставил потпис врз основа на изјава што ја дал сопственикот на дискотеката. За жал, тоа го гледа целата македонска јавност, ама на власта никако да и текне дека треба да се менуваат закони, да се прават реформи и единствено што прави е што ја префрла вината врз “бившата власт“. Па побогу, од 2012-2025 година, оваа власт била на власт исто толку време колку и поранешната. Зошто нешто не е превземено? Ајде пред трагедијата, зошто ништо не е превземено после трагедијата, во последната година кога власта е апсолутна, на претседателско, локално и на ниво на Влада? Единствено е сменет Законот во делот на употребата на “жешки прскалки“! Толку е доволно? Не ви текнува дека проблемот мора системски да се реши за повторно да не се случи? Не ни текнува да се опаметиме...
Потоа, случајот со “серискиот убиец“ од Челопек. Гледав една репортажа на локален медиум во која сите граѓани кажуваат дека знаеле за проблемот, знаеле дека лицето ментално не е во ред, пријавувале, ама полицијата никогаш ништо не превзела се додека не се утврди барем во еден случај, дека се работи за убиство. Како е можно и во овој случај институциите целосно да потфрлиле? Како е можно, бидејќи согласно Законот постојат “милион“ мерки кои можат законски да се применат, воопшто никој не реагирал. И, што се случува сега? Можно е, доколку се докаже, дека лицата живееле покрај сериски убиец, полицијата знаела за тоа ама никој не реагирал. Повторно, невини жртви заради негрижата на системот како таков. И повторно исти обвинувања, “сме наследиле девастиран систем“! ОК, важи, а што правите повеќе од една и пол година па не го менувате? Токму тоа што го кажувам, едноставно системот и ние како дел од него не знаеме да се промениме, не знаеме ништо да научиме од претходните грешки!
Ни се случи и едно самоубиство на мајка, која во својот очај од непревземањето на мерки од страна на институциите реши да си го одземе сопствениот и животот на своето малолетно дете затоа што никој ништо не превземал за да се спречи еден лудак во своето изживување и малтретирање на своите најблиски. Зошто системот потфрли во случајот со Ивана и Катја? Затоа што во Центрите за социјални работи немаме професионални лица кои можат да оценат дали загрозувањето е сериозно или не, затоа што праќаат до Судот предлози за беззначајни ситуации кои од ниво на обична семејна кавга ги „подигаат“ на степен на кривична одговорност, а сериозните закани не ги „детектираат“. Затоа што во МВР во соодветните одделенија нема сериозно обучени инспектори кои ќе проценат што е сериозна закана а што „парче хартија“ на кое пишува „телесна повреда“... Нема стручни лица кои сериозно ќе го погледаат секој поединечен настан и ќе донесат одлука без разлика дали жртвата „се откажала“ од полициска постапка како што не убедуваше Панче министерот... Ете затоа!
На крајот, што да се каже после првите сто дека од старо-новата локална власт во Куманово? Во Куманово буквално ништо не се случува, освен што повторно се редат бекатон-плочки. Советот на Општината личи на се освен на Совет на најголема Општина во Македонија. Само кавги, навреди, гласања без никакви разумни образложенија, ДПМНЕ иако дел од власта наликува на безгласно слово, за жал исто ми делува и ДПСМ, овие од ВЛЕН не знам ни кои се, дел од ДУИ повторно молчи, ЗНАМ си тера онака како намислиле и нема, барем за сега, никаква критична маса која може институционално да ги спречи. Владината коалиција делува онака како си намислила на централно ниво, само се пресликува на локално преку Советот и општинската администрација. А да, се извинувам, имаме нови семафори на 3 МУБ. Еееееееејјјјј, дознавме дека Србија набавила суперсонични (или хиперсонични) ракети, не ми замерајте, не се разбирам во оружје, а за нас у Куманово “доживљај“ се нови семафори..... после 40 години. БРАВО!
Виктор Божиновски, адвокат
Други колумни од Виктор Божиновски
Неподнослива леснотија на постоењето
27.07.2025
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*