Комунална полиција – ново решение за стар проблем?
Секојдневниот живот не соочува со проблеми што на прв поглед изледаат обични, но кога постојано ќе се повторуваат и ќе станат дел од секојдневието, почнуваат сериозно да влијаат врз квалитетот на животот. Диви депонии, палење отпад и кабли на отворено, уништување на урбана опрема, узурпација на јавни површини... Тоа не е се само прашања на естетика и чистота, туку се поврзани со здравјето на граѓаните, заштитата на животната средина, безбедноста на едно општество.
Проблемот не е само во тоа што некој фрла отпад на место каде не смее, проблемот е и во прашањето - што следува потоа? Кој ќе реагира, кога и дали сторителот навистина ќе сноси одговорност?
Кога граѓанин ќе пријави ваков проблем, очекува општинските служби да постапат. Но, ако прекршокот се случува навечер или за време на викенд, можноста за навремена реакција станува оперативно ограничена. Дури и да излезат инспекциските служби на лице место, постапувањето пак може да биде ограничено ако сторотелот заминал од самото место на сторување на прекршокот, по што не може да се утврди неговиот идентитет, па е потребна помош од друга институција. Така настанува јазот меѓу постоењето на прописите и нивното спроведување во практиката. На терен, не секогаш постои брз и ефикасен систем на постапување.
Општинските инспекциски служби имаат важна улога во контролата на законитоста и во превземање мерки во рамки на својата надлежност. Тие не треба веднаш да се претставуваат како неефикасни, прашањето е дали нивниот систем располага со доволни оперативни можности за справување со прекршоците што се случуваат на јавните површини, дали нивните законски рамки се доволни за идентификација на сторителот.
Во рамки на своите овластувања, инспекциските служби можат да прават проверка на акти и документација, вршат надзор на простории и средства, да обезбедат звучни и видео записи кои можат да бидат искористени во инспекцискиот надзор, да издаваат прекршочни налози итн.
Но од друга страна, доколку би имале комунална полиција, која би била униформирана служба и оперативно би работела 24/7, тогаш би имале и овластувања т.е предупредување, издавање усни наредби, проверка на идентитетот, доведување лица до надлежен орган, запирање и преглед на лица и возила под законски утврдени услови, привремено одземање предмети, собирање известувања, издавање прекршочни налози и поднесување пријави, како и употреба на средства за принуда во случаи и под услови утврдени со закон.
Токму тука се отвара прашањето за воведување на комунална полиција во Македонија, не како создавање на нови работни места туку како нов механизам за ефикасно и ефективно делување. Предноста на ваквиот модел би била во можноста за побрза реакција на терен, навремено утврдување и поефикасно документирање на прекршоците, особено во ситуации кога инспекциските служби немаат доволни оперативни можности за непосредно постапување. Оттука, прашањето за воведување комунална полиција не е прашање на само заменување на инспекциските служби, туку на воспоставување механизам што би ја поврзал контролата со непосредното постапување и спроведувањето на прописите со поголем спектар на овластувања. Затоа, вреди да се отвори дебата дали на Македонија и е потребна посебна единица за комунален ред, која би придонела кон поефикасна заштита на јавните површини, животната средина и квалитетот на живот на граѓаните.
Србија е корисен пример за разгледување, бидејќи имаат законски уредена комунална милиција во рамки на општинските самоуправи. На официјалната веб-страница на Нови Сад е опишана организација во која оперативното дежурство прима пријави од граѓани и други субјекти, ги евидентира, ги насочува патролите и, кога е потребно, ги известува МВР и другите надлежни органи. Описот на организацијата предвидува и посебни активности за аудио-визуелно снимање и обработка на податоци, фотографии од теренот и подготовка и издавање прекршочни налози. Ова покажува дека ефикасноста не се заснова само на присуството на униформирани лица, туку и на организиран систем за прием на пријави, распоредување патроли, документирање прекршоци и соработка со други институции.
Прашањето за комунална полиција не е ново во македонската јавност. Во август 2024 година беше објавено дека работна група на ЗЕЛС, во соработка со МВР, работи на подготовка на закон за комунална полиција. Бидејќи тој закон се уште не постои, следниот чекор не треба да биде само повторување на политичкото ветување. Потребно е конкретно решение, кои прекршоци ќе бидат во надлежност на комуналната полиција, кои овластувања ќе ги имаат нејзините припадници, како ќе соработуваат со МВР, како ќе се контролира нивната работа и од каде ќе се обезбедат средствата за нејзино функционирање.
На крајот, граѓаните не ги оценуваат институциите според бројот на закони, инспекторати или службеници, туку според резултатите што ги гледаат во својата околина. Дали дивата депонија ќе биде пријавена и отстранета, дали палењето отпад ќе биде санкционирано и дали уништувањето на јавниот имот ќе има последици? Комуналната полиција сама по себе нема веднаш да ги реши сите овие проблеми, но со јасно утврдени надлежности, соодветни ресурси и ефикасен надзор може да биде важна алка меѓу пријавениот прекршок и конкретната институционална реакција. Затоа, наместо прашањето дали ни е потребна уште една служба, можеби треба да се запрашаме дали имаме систем што навреме реагира, ги утврдува одговорните и обезбедува прописите да важат подеднакво за сите.
Муарем Шакировски - Ганди, м-р по криминалистика
Други колумни од Муарем Шакировски - Ганди
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*