Да се биде градоначалник на својата општина, за секого би требало да претставува голема чест и обврска да напрви што повеќе добри дела за своите сограѓани,да реши голем дел од комуналните проблеми и да постави темели за светла перспектива на својот град.Така би требало секој кој добил мандат за градоначалник да размислува и да работи во интерес на општината.Но веднаш би сакал со искрено жалење да констатирам дека ова воопшто не е одлика и не се однесува за кумановскиот градоначалник.Куманово со години, а посебно последните две години откако трае третиот мандат на актуелниот градоначалник е оставено само ,без ништо, во целосна сопственост на деструктивните одлуки на градоначалникот и одамна галопирачката инерција која го води градот кон негово целосно уништување.Јавните услуги никогаш не биле полоши,улиците во центарот на градот а посебно во околните населби се целосно раскопани,чистотата во градот е на многу ниско ниво,се уште цели населби немаат приклучок во канализациона и водоводна мрежа,градот не може ниту 10 проценти од потребите за паркинг да ги задоволи,семафорите редовно не работат,уличното осветлување не функционира речиси во сите делови од градот.Куманово е како во воена состојба,не предзвикана од некој од страна,ниту пак од граѓаните ,единствено од градоначалникот и неговата администрација која воопшто не се снаоѓа во хаосот од корупција и некомпетентност.Секојдневно не бомбардира со изговори како немало доволно средства поради судските спорови што ги води општината,како централната власт ги блокирала и слично,а во последно време немајќи визија и волја на било што друго да се посвети ,пронајде смисла во безбедносната сфера со цел да се промовира како фактор за стабилност во Куманово и со амбиција да влијае во целата држава. На последното негово интервју во телевизијата 24 часа вести,можеше да се види како би кажал тој, “на еклатантен начин”, како Зоран Дамјановски не ни крие дека веќе не го интересира комуналната политика,туку на еден гротескен начин се обиде да се прикаже како некој експерт за безбедносна политика,односно високата политика, затоа што за него локалната одамна веќе не е предизвик, за што доказ е моменталната слика на градот.Тој во интервјуто а и целиот изминат период се обидува да се прикаже како главен фактор за стабилизација на меѓу-етничките односи во градот ,при тоа давајќи си голема заслуга за спречувањето анти-терористичката борба на 9-ти и 10-ти мај во Куманово да ескалира во еден меѓу-етнички,граѓански конфликт.Ова го прави бидејќи нема никаков кредибилитет како градоначалник и ова е единствениот начин својот опортунизам и профилот на политички шарлатан,некако да го вклопи во актуелната политичка и безбедносна криза.Но нема да му успее затоа што нема интегритет за такво нешто и затоа што е пред се контрадикторен .Зборува како не треба во градот да се делиме на етнички табори и дека треба заедно сите да учествуваме во животот на државата, а во исто време ,посебно од преизборната кампања во 2013-та година па до сега ,неумоливо и крајно манипулаторски не штеди енергија,кај албанците во Куманово,партијата ВМРО-ДПМНЕ да ја прикаже како ,нетолерантна,дискриминаторска и анти-албанска политичка организација со која нема шанси за заединчки живот ,со што крајно лукративно цели кон загрозување на иднината на Куманово.Колку беше подмолно делењето на оние флаери со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и алузијата дека доколку победи ќе гради христијански храм што според некаква профитерска логика на Дамјановски би требало да ги загрози албанските муслимани во градот.Неколку години наназад се води една безобзирна црна камапања кај албанците дека ВМРО-ДПМНЕ е голем непријател и дека Зоран Дамјановски е единствениот кој ќе може да ги менаџира меѓу-етничките односи.Оваа несфатлива деструктивност и подривање на иднината на народот е само кулминација на повеќедецениската декаденција на СДСМ во Куманово. После сиот криминал,антимакедонско поведение и антиграѓанско сквернавење на урбаниот простор кое го сроза достоинството на кумановци,тој во последното интервју се дрзна да зборува за морал и за чесност во политиката.Па коментира како централната власт била многу криминална,понатаму анализира интернационални безбедности аспекти,за некаков си кризен менаџмент кој потфрлил во државата и така натаму ,тотално надвор од реалноста, како Куманово да не постои,освен во безбедносен контекст,никако поинаку. Неговата оддалеченост и отуѓеноста на СДСМ од Куманово е веќе ненадоместлива. Презирот кон својот народ јасно го демонстрираше кога рече дека народот е крив,по примерот на неговиот поранешен ментор Бранко Црвенковски, а секако најдобро може да се препознае во урбаната катастрофа и индолентноста која е во врска со неговото повредено его, кое никогаш нема да им прости на кумановци што слободно гласаа во мнозинство за ВМРО-ДПМНЕ и Зоран Ѓорѓиевски на локалните избори 2013-та година.
Од последните локалните избори Куманово нема градоначалник,оставено е да пропаѓа,процес кој нема изгледи дека ќе престане .Пред неколку дена општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ имаше средба со жителите од населбата Гоце Делчев и навистина тоа што го видовме и слушнавме беше крајно запрепастувачки.Со истата слика,а на некои места и во многу полоша состојба се соочуваат сите жители на општината,така да со загриженост може да се констатира дека се повеќе кумановци живеат во супстандардни услови во град ,во кој надлежните не водат грижа за елементарните потреби на граѓаните.Проблемите на градот стануваат се потешки за решавање но и покрај горе напишаното,сметам дека е крајно време Зоран Дамјановски да вложи максимални напори и колку може, да го поврати угледот на градоначалничката функција,бидејќи има уште многу до локалните избори 2017,а во меѓувреме општината мора да функционира.
Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*