×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • КУМАНОВО – ГРАД НА (НЕ)КУЛТУРАТА?

    Дејан Ѓорѓиевски

    Социолозите на културата луцидно забележале дека цивилизираноста на едно општество може лесно да се согледа преку графитите по улиците. Од друга страна, нивото на развој на еден град, може лесно да се измери преку содржината на културните активности во тоа подрачје. Иако во поново време марксистичката теорија за уметноста е скоро отфрлена, тврдењето дека уметноста, односно креативноста, непосредно зависи од степенот на материјалниот развој на едно општество, а со тоа и од степенот на задоволеност на основните егзинстенционални барања на луѓето, може целосно да се согледа преку состојбата во која се наоѓа културата во градот Куманово. Независно од тоа дали тоа е резултат од немањето основни услови за нормално, урбано функционирање на општината (за што сите сме сведоци), можеме да кажеме дека Куманово, во поглед на културните збиднувања веќе поодамна е мртов град. Дури и едноставно пребарување по интернет, како резултат на интеракција од зборовите „општина Куманово“ и „култура“ нè враќа на програми од 2013 г., случајно или не, токму во годината на последните локални избори.  Нешто слично може да се констатира и на сајтот на Општината. Структурното уредување на општинската администрација и советот, укажува дека културата во градот би требало да ја развиваат „Фондацијата за спорт и култура“, Одделението за култура и спорт, како и Комисијата за образование, култура и спорт при Советот на општината. Се чини дека и од самата организациска поставеност, се јавуваат проблеми во функционирањето – на пример, не е јасно по која логика и сфаќање, во сите три органи се поврзани дејностите „спорт“ и „култура“, кога станува збор за скоро неспоиви области. 

    Токму поради таквата недефинираност во намерите, некоординираност и недостаток на издржана програма, во Куманово се случуваат и немили, дури и срамни настани од областа на културата. Последниот беше уривањето на најстариот хотел во градот, кој беше препуштен на забот на времето, лоциран токму на улицата која во програмата за локалните избори на СДСМ требаше да стане пешачка зона со реконструирани фасади. На прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ беа посочени повеќе зданија од староградската архитектура на кои им се заканува истата судбина, и незаинтересираноста на градската управа да го сочува староградскиот белег на Куманово. Единствена реакција која ја видовме од надлежните беше дека сопствениците на куќата требало сами да реагираат за да ја срушат. Значи, апсолутното отсуство на рационално размислување и чувство за култура, затоа што основното поставено прашање беше кој требало да ја сочува, а не да ја сруши куќата. Дури и да претпоставиме дека сопствениците на сите тие стари куќи кои некогаш биле ремек дела на архитектурата се „незгодни“ луѓе, кои нема да прифатат помош од општината за да си ги уредат куќите (што е смешно за да послужи како изговор), тогаш што да кажеме за прекрасниот објект кој е во сопственост на општината и кој поради неразбирливи причини е нагрден и неискористен – Занаетчискиот дом на плоштадот? Дали воопшто општината е свесна со каков објект располага? Дали некој знае дека токму таквите градби максимално се уредуваат и презентираат во секој нормален, европски град? Министерството за култура, иако не е обврзано да реагира на објекти кои не се прогласени за културно наследство, се заложи за интервенција на две куќи од старото градско јадро, нешто што општината требаше да го стори поодамна. Од друга страна, и спомениците од времето на социјализмот во градот ја делат истата судбина. Уметничките творби на плоштадот, Менкова колиба и др. пропаѓаат и повеќе ја нагрдуваат отколку што ја разубавуваат средината.

    Меѓутоа, и не би било толку страшно кога културната агонија на градот би завршила со овој проблем. Куманово повторно не е дел од програмата на Министерството за култура „Топол културен бран“. Немале доставено ниту една пријава за проект. Нормално, ќе следи изговор дека однапред знаеле дека пријавата ќе се отфрли, затоа што доаѓа од опозициски град. Но, има многу примери од издржани проекти (како оној за уредување на Бислимската клисура) кои се финансирани од централната власт, па оттука, ваквите изговори се банални и се резултат на незаинтересираност и неработење. Повторно не би било и тоа толку важно, доколку во овие летни горештини имаше барем некаква манифестација што ќе ги анимира жителите на Куманово. Но еве, иако е веќе крај на јули, нема ништо од Кумановското културно лето. Во едно од последните интервјуа по ова прашање, директорот на Фондацијата за спорт и култура изјави дека намалениот број на културни настани е резултат на немањето интерес и слабата посетеност на граѓаните! Како прво, ако навистина е така, тогаш оној кој ја прави програмата треба да си даде оставка, а програмата да се работи според интересот на граѓаните, а не на оние кои ја пишуваат. Не можеме од Куманово да очекуваме да стане тамбурашки град, кога тамбурата кај нас не е традиционален инструмент и воопшто не е својствен за ова географско подрачје. Друго, послушајте ги и помладите кадри во општината, за кои сум сигурен дека ќе дадат некој добар проект кој ќе биде посетен. Трето, со сета почит кон помалите етнички заедници, самото конципирање на програмата од типот „албанска“, „ ромска“ или „српска“ вечер резултира со присуство само на етничките заедници-многу подобро би било различностите да се стават во заедничка вечер(и). Доколку пак проблемот се финансиите, повикајте ги повторно тн. „пријателите на градот“ кои ги доведоа Северина, Чолиќ итн., за неверојатни суми. За такви износи, сигурно дека ќе може да се направи солидна и издржана програма за целото лето. 

    И не треба да се биде инвентивен, доволно е само да се погледне Куманово од пред некоја деценија. Мојата генерација го памети „Летниот рок фестивал“, „Летниот џез фестивал“, „Гитаријада“, фестивалот на електронска музика во Пелинце...Постарите ќе се надоврзат со „Тумба фест“ и со многу други манифестации кои им останале во сеќавање. За многу мали средства може да се организираат солидни театарски представи под отворено, да се рестартира и модернизира градското кино...Да не зборуваме пак за поддршката која може да се пружи за младите таленти од сите области од културата, како преку обезбедување на услови за нивно усовршување, така и преку организирање на манифестации за нивно промовирање...Урбанистичкото и споменичното уредување на градот пак, се сегменти кои бараат повеќе средства, но токму таквите проекти се финансирани од програмите на Европската Унија. Дали воопшто некогаш Општината аплицираше за таква помош? 

     И за крај, однапред сум свесен за коментарите што ќе следат по овој текст – дека работиме на дефокусирање на јавноста, дека сакаме да избегаме од одговорност и сл. Но сепак, по коментирањето, навратете се повторно на суштинското прашање од колумната – што направи Општината во поглед на културата во последните години?

    Дејан Ѓорѓиевски Дејан Ѓорѓиевски, Претседател на Комисија за култура на ОК на ВМРО-ДПМНЕ - Куманово

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*