Македонија минува низ еден од најтешките периоди од своето осамостојување. Политичката криза која полека се претвора во битка за сувереност, станува се позаострена и побанална – се чини дека на многумина најмногу им одговара да потрае процесот без решение. Сега, кога веќе е поминато подолго време, се чини полесно да го согледаме вистинскиот проблем и изворот на кризата. Најверојатно, најдобро е да се навратиме во топлата априлска ноќ кога беа соопштени првичните резултати од предвремените парламентарни избори во 2014. За лидерот на опозицијата, ноќта беше најжешка во неговата кариера – очекуваше пораз, но разликата од скоро 200 000 гласови беше повеќе од поразителна. Сега не се соочуваше само со фактот што повторно нема да биде премиер, напротив, свесен беше дека не може да биде ни лидер на опозицијата. Во таквите тешки моменти, силните луѓе го признаваат поразот, а слабите – го бараат оправдувањето. Нашиот Фауст реши да ја продаде душата на туѓите интереси. Верувам дека и тогаш битката му беше да ја одржи позицијата во својата партија, а не ни помислуваше на премиерското место. Ги прифати подлите игри на инсталираните служби од државната безбедност, кои многу добро знаеја како да ја контолираат државата. Нашата ДБК е наследство на монструмот од комунистичкиот режим наречен УДБА, кое на времето беше доволно моќно да го контролира дури и великиот Јосип Броз, па последните години од неговиот живот владеењето да му го сведе на формалност. Имајќи го сировиот материјал во свои раце, преслушан (како што изјавуваше) само од него и најблиските соработници, на кои би им требало неколку животни века за да го преслушаат, транскрибираат и снимат, реши да го искористи како моќна алатка против режимот. Се сеќавате, на почетокот беше обвинувањето дека Мијалков и Груевски снимале, иако тие најчесто се појавуваат во разговорите. Во меѓувреме, на интернет се појавија и снимки од времето кога Хари Костов беше премиер, што значи дека Груевски од Израелците веројатно купил и временска машина и се довел во можност да ги снима и тие разговори. Па сепак, и во ваква позиција, знаејќи ги капацитетите на опозицискиот лидер, требаше некој друг да менаџира со состојбата. Бидејќи само народот ја дава или одзема власта, менаџерите решија токму народот да биде промоторот на идејата за смена на владата. Но, сето тоа беше толку добро организирано, како од некој холивудски режисер, што само по себе се разликуваше од протести што се од домашната продукција. Заедно се вееја македонски, српски и албански знамиња, заедно со картата на голема Албанија. На лидерот не му пречеше по 9 мај да дојде во Куманово и да се слика за facebook покажувајќи ги двата прста заедно со Албанците, додека телата на загинатите бранители уште не беа ни погребани. Ниту чувстуваше потреба да ги посети ранетите – единственото нешто му беше да биде признаен како сенароден лидер на сите кои живеат во Македонија, дури и на оние кои во зелени униформи дојдоа од Косово во „туристички“ разглед на Куманово. Извонредно е диригиран и сценскиот настап на тн. „лавици“ од СЈО, за чии актерски способности многумина од МНТ ќе им позавидат. А своите актерски „пет минути“ секако дека немаше да ги добијат доколку не се испоставеше дека „главната“ од нив не може ни да го прочита правилно она што некој друг и го имаше напишано. Повеќегодишното инвестирање во невладиниот сектор сега беше на ред да се исплати, па луѓето за кои до вчера и не знаевме дека постојат, сега се покажаа компетентни сами, спонтано и без политичка позадина да поведат илјадници други да протестираат. Еднаквоста и социјалната правда се нивните главни девизи, што е одлично, но дали добија некаква потврда од опозицијата дека ќе бидат подржани ако дојдат на власт? Дали е за верување барањето на Левицата за насочување на парите кон граѓаните, а не кон банките, ако ги знаеме банкарските врски и позициите на СДСМ во македонските банки? Драги левичари, и да сте добиле такво ветување, знајте дека ве лажат. Ако за вашите утописки барања добиете потпишана гаранција дека ако дојдат СДСМ на власт ќе ги исполнат, еве и јас ќе гласам за нив. Но знам дека е тоа невозможно, исто како што и вие тоа го знаете.
Неколку пати повторив, Куманово е слика на можната иднина на Македонија доколку опозицијата ја добие власта. Ако тука, во општинското користење на власта најдете имплементиран еден од принципите кои се нагласни во „Шарената револуција“, тогаш и јас го подржувам движењето. Не случајно, после првите протести, движењето „Левица“ се откажа од протестирањата во Куманово. Просто, кај нас многу појасно се гледа позадината на дејството. И сега, кога немаме невладин сектор кој протестира во Куманово, вреди да се запрашаме, кој и за што протестира. Одговорот е едноставен, протестираат само членови на СДСМ, се протестира за моќ, за власт, за победа на парламентарните и локалните избори. А дали ќе се смени нешто – вие просудете. За нивната способност за владеење ќе посочам неколу банални примери – на пример, базенот. После не знам колку пробиени рокови, со сигурност беше најавено неговото отворање за Гимназијадата, па потоа за 24 мај, а сега, веќе не знам за кој датум. За среќа, не рекоа дека државата им е виновна и за тоа. Потоа, комформизмот при реагирањето на општинските власти на пресовите на ВМРО – знаете, од типот:„за погрешна улица се фатиле, таму јас пораснав, ми лежи на срце, сигурно дека е приоритет за асфалтирање...“ – а луѓето уште си газат по калта. Или пак последниот хаос со ѓубрето во градот:„Видете, не е до нас, ненадејно ни се расипаа скоро сите камиони!?...А Менкова Колиба? Па таа е под Министерството за култура “! И така, чекајќи ја министерката за култура да дојде со црни ќеси и да го исчисти ѓубрето, ќе го кажам она што и тие самите си го знаат – за спомениците на културата Министерството обезбедува правна заштита. Тоа значи дека доколку некој сака да интервенира на самиот споменик (во смисол конзервација, реставрација и сл.), треба да помине низ процедура на одобрување. Или поедноставно кажано, Министерството не е задолжено да го изнесе и ѓубрето од споменикот. Удирајќи се во гради за неоспорните придобивки од НОБ, и кокетирајќи со боречкото гласачко тело, општинските власти треба да покажат дека навистина се грижат за нив, и да одвојат средства за нивна заштита и уредување. Но, не е само неспособноста она од што треба да се плашиме кај СДСМ. Едно од барањата е да се отргне државата од партијата. Е, во меѓувреме добија министерски места во МВР и Мин. за труд и социјала. И што направија – се обидоа да ги претворат во партиски органи. Наместо независен и експертски кадар кој треба да ги подготви изборите, во Куманово за началник е поставен член на Извршниот одбор на СДСМ и шеф на партискиот оддел за аналитика. Сите сте свесни колку непартиски се работеше. Во другото министерство, министерката можеше да издејствува унапредување за сопругот, додека проектите за социјалните станови, отворањето на градинките и сл., тапкаа во место. Едноставно затоа што беа проекти од програмата на ВМРО.
Среќни, а во исто време и несреќни сме што го имаме Куманово како пример на владеење на СДСМ. За нас е тешко да се живее во ваков град, но среќа е што другите можат да видат (односно да се потсетат) како работи СДСМ кога ја има власта. Од друга страна, отсекогаш сме биле град-херој. Херојски ќе го издржиме и овој период.
Правна поука: Наместо контраколумна, членовите на СДСМ, според предложениот од нивна страна Закон за медиуми, имаат право да реагираат против изнесеното сопствено мислење од моја страна. Реакцијата може да биде во вид на кривична пријава, и да стапи на сила оној момент кога повторно ќе го добијат Министерството за внатрешни работи.
Дејан Ѓорѓиевски Дејан Ѓорѓиевски, Претседател на Комисија за култура на ОК на ВМРО-ДПМНЕ - Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*