×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Куманово не е застанато во времето, Куманово се враќа назад

    Драган Петковски

    Пред некое време од еден кумановски новинар бев запрашан што мислам за тоа што е направено во Куманово во последниве години. Одговорив кратко дека во многу сфери Куманово е застанато во времето.

    Изговореното ми се моткаше во главата и сфатив дека не сум во право. Имено, Куманово не стои, тоа во многу нешта се враќа назад.

    Фактите говорат дека од еден индустриски и економски развиен центар какво што беше Куманово пред три децении, стана руина. Колабираа фирмите по кои надалеку бевме препознатливи. Згаснаа брендовите „ЧИК“, „Киро Фетак“, ФЗЦ „11 Октомври“, „Искра-инжинеринг“, Амбалажа „30 Јули“, „ДИ-ЕР“, Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски“, ЗИК „Куманово“ и уште неколку останати. Тие беа гордоста на нашиот град. Сегашната состојба на сите ни е позната. Причините за неа ќе ги оставам за дискусија во некоја друга прилика.

    Овој пат сакам да ве потсетам за состојбата со објектите во градот во кои се одржуваат културни настани. За град со околу сто илјади жители речиси и да нема простор во кој може да се организира било каква приредба.

    Да почнеме со најголемата и најрепрезентативна сала во градот, во НУ Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Оваа сала може да се користи само во неколку месеци од годината. Во текот на летните месеци во неа е претопло, а зиме е престудено. Затоплување на Центарот е решено во пакет со зградата над „СУМА“. Котларата е во оваа зграда, а таа веќе одамна не работи, па со тоа е невозможно да се затопли салата. Алтернативно греење на електрична струја е неизводливо бидејќи постоечката кабловска инсталација тоа не го дозволува. Нејзиното  користење е возможно само во пролетната и есенската сезона.

    Покрај ова, единствената сала која е во кондиција за организирање културни манифестации е онаа во Младинскиот културен центар, или поранешното Кино „Козјак“.  Меѓутоа, овој простор по својот капацитет и опременоста ни оддалеку не ги задоволува потребите на градот како што е Куманово.

    Приказна за себе претставува и поделеноста на овие две сали меѓу локалната власт и опзицијата. Непишано правило е дека во Центарот за култура “свои манифестации“ организира опозицијата, а салата на Младинскиот центар се подразбира дека е резервирана за општинска власт.

    Поделеноста оди до таму што се бојкотираат сите манифестации организирани од страна на политичкиот противник. Така на пример, единствениот репрезентативен меѓународен театарски фестивал во градот „Денови на комедија“ поминува без присуство на градоначалникот, претседателот на Советот, па дури и без раководителот на Секторот за култура. Не верувам дека нашиот градоначалник е толку зафатен да не може да присуствува барем на една од петнаесетте претстави кои се случуваат во неговиот град.

    Но од друга страна, и на манифестациите организирани од општинската власт ретко може да се забележи присуство на некој од раководството на градската опозиција.

    Пред триесетина година Куманово беше речиси двапати помало, ама располагаше со многу повеќе простори каде што љубителите на културните настани можеа да уживаат.

    Неизбежно е да се спомене и поранешното Кино „Напредок“ од кое неколку генерации  наназад имаат прекрасни спомени. Колку само филмови сме изгледале и колку килограми семки и сончоглед сме искрцкале. Не верувам дека има некој кој ги заборавил и првите младешки држења за раце или понекој, можеби и прв бакнеж со својата прва љубов. Освен еден краток период кога работеше како ноќен клуб овој простор е оддамна затворен и неискористен. Може само да претпоставуваме во каква состојба се наоѓа.

    Во кумановскиот Театар пак сликата не е ништо подобра. Она што ми остави впечаток е што моите сеќавања за овој простор останаа непроменети. Истите фотељи, истата бина, истите рефлектори, дури верувам дека и завесата е иста од времето на легендарната кумановска комедија „Ленче Кумановче“.

    За мене, еден од најубавите простори за организирање помали културни настани беше салата во Пинерскиот дом. Колку само би им значела оваа сала на училиштата од градот, кои мака мачат и импровизираат по ходници и спортски сали, кога се подготвуваат за одбележување патронати, приредби или разни натпревари. Штета што веќе поодамна овој простор не е во употреба.

    На времето за културни настани прилично атрактивна беше и  салата во некогашнит Дом  на ЈНА. Се зборува дека овој простор е доделен на неколку подрачни единици, но сега за сега стои празен и неискористен.

    Наближуваат нови избори. Кандидатите ќе се натпреваруваат со ветувања, кој повеќе ќе изгради. Но покрај градењето на нови, не е лошо да се размисли за чување и реновирање на постојните објекти. Многу од нив покрај сентименталната имаат и употребна вредност. Не без причина народот вели „копај нов бунар, ама не плукај во стариот“.

    Драган Петковски Советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Куманово, Драган Петковски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*