×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • ЛЕВИ ВС ЛИЦЕМЕРИ

    Атина Мургашанска

    Правото на работа, на труд е исконско, вродено право на човекот кое е претходница на сите подоцна стекнати или освоени права. Максимата дека работата го создала човекот не е само педагошко- образовна сентенца како производ на осознавање туку реплика на реалните процеси во антрополошката еволуција. Паралелно со поривот дека мора или треба да се работи за да се опстане, преживее, а понатаму и за да се напредува се формирала и свеста дека на вложениот труд мора и треба да му следува соодветна награда во натура, валута или во стекнати права. И тука доаѓаме до еден од најголемите проблеми од предисторијата до денес. Дали, како и колку сме платени за работата што сме ја сработиле!? Дали за вложениот труд следува соодветна и достојна сатисфакција!?

    Од првичниот мотив да се преживее и да не се гладува, низ еволуцијата и револуциите таа вечна борба се транформирала во потреба за достоинствени услови при извршувањето на работните обврски, соодветен третман од газдите, работодавачите или претпоставените, сразмерна награда за сработеното, до можноста со и во текот на работата да се учи и напредува. Човекот како извршител на спонтана или осмислена работна активност, осознавал дека работата, трудот му е средство и виза за полн стомак, мирен сон, добри мисли и добро здравје за него и другите околу него. Без работа тешко се хранеле гладните усти на неговите наследници или претци, а проблемите од физиолошки нараснувле во економски, психо-социјални и социолошки. Од лична мака, судбина или избор, прераснувале во одлика на група, слој или цела општествена класа.

    Спонтантите изрази на лутина, бес и немоќ, станувале групна мака, товар и болка. Поединечните изрази на незадоволство и личен протест прераснувале во некогаш спонтани, а се почесто организирани облици на реакција, бунт и обид да се добие заслуженото, да се избори подобро место под сонцето за себе, семејството, своите соработници и соборци. Индустрискиот напредок и развој „произведувал“ и повисок степен на свеста за работничките права, а и услови за нивна артикулација во првите работнички протести, движења и организации за борба за достоинствен третман на работникот и достоинствена награда или плата. Очекувано, што погласни, работниците наидувале на се' посуров, брутален, а често и крвав одговор на нивната гласност во јавноста и општеството. Работничката борба која се дефинирала понатаму како синдикална, била закана за рушење на цел еден поредок и систем на вредности и однос на сили и сериозно ги разнишувала темелите на владеење и доминација на владеачките структури или ако сакате на цела една помалубројна, ама добро обезбедена и позиционирана општествена класа.

    Без амбиција, повторно да правиме историски или хронолошки осврт на работничката и синдикалната борба, ниту список и след на тешко освоените и сочуваните работнички права, би го издвоиле примерот на Женското работничко движење „Суфражетки“. Се работи за припаднички на движење кое пред се се залагало за еднакво право на глас на мажите и жените, но и за подостоинствен третман на жените работнички. Токму во англосаксонските земји, а особено во Велика Британија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век се оформила оваа Женска социјална и политичка унија, која прераснала во Национална општествена унија за женско право на глас. Стремејќи се кон примарната цел, работеле на севкупно јакнење на жените и нивна подобра позиција во семејството, фабриките и општеството. Само за илустрација, во тоа време индустриските работнички работеле по 12 и повеќе часови, без елементарно хумани услови, бремени, болни и повредени, а работниот век им почнувал некогаш и на 7-8 годишна возраст. За разлика од мажите, често биле предмет на сексистички уцени и закани и директни сексуални злоупотреби од надзорниците и сопствениците. Оваа тешка и горка судбина ја делеле и по неколку генерации во едно семејство: баби, мајки и ќерки. Но, се почесто им „пукал филмот“ и храбро и одважно се спротивставувале по цена на отказ, апсења, па дури и по цена на сопствениот живот. Вниманието на јавноста, освен со печатени летоци, го освоиле со револуционерни акции на подметнување на оган во поштенските сандачиња, кршење на прозорци, врзување на пруги и поставување на бомби.

    Најспектакуларна акција со одглас во Британија и светот била саможртвата на суфражетката Емили Дејвисон, која скокнала под нозете и била на смрт прегазена од кралскиот коњ на многу посетената и популарната коњска трка „Епсон Дерби“ во 1913 година.

    За нивниот успех, сепак најмногу придонела Првата светска војна, која довела до недостаток од машка работна сила и ангажирање на жените за традиционално машки работи, а со тоа и до рушење на сексистичките предрасуди и поделби на машки и женски професии и машки и женски ангажмани. Првиот успех го постигнале веднаш после војната кога во 1918 година им било признаено правото на глас само на сопственичките на имот повозрасни од 30 години, на сопругите на сопствениците на имот, жените кои изнајмувале недвижности со годишен закуп поголем од 5 фунти и на сите жени со универзитетска диплома. Во САД, жените и мажите конечно се изедначени во правото на глас во сите држави, со 19-от амандман на Уставот во 1920, а во Велика Британија со посебен закон во 1928 година.

    Интересна е забелешката на историчарите дека суфражетките прво го освоиле вниманието на јавноста, а подоцна и на политичарите. Овој историски факт ќе го искористиме за мост за „повраток во иднината“. Дали и денес оваа констатација е одраз на фактичката стварност кај нас и во светот или сепак нешто се променило на тој план после речиси два века?! Да нема недоразбирање, направени се многу промени и во работничкото движење и во општествениот одговор на неговиот притисок, се променија и цели општествено- политички системи и уредувања во кои положбата и правата на работниците или ако сакате трудовото право се високо на листата на владините приоритети. Токму политичката опција на која и припаѓам, социјалдемократската идеја и идеологија, па и партијата која е формирана заради и поради неа, помеѓу останатите цели и идеали, е предводник во овие општествени, политички и државнички процеси на со устав и закон загарантирани работнички права. Од правото на работа како едно од темелните права и слободи, уставно загарантирани и уредени, до со закон уредени и обезбедени права од работните односи, права на синдикално здружување и организирање, правото на штрајк, правото на протест и слободно искажување на ставови и убедувања, правото на здравствено осигурување до правото на обезбедување во случај на привремена невработеност, стечај или технолошки вишок и правото на пензиско и инвалидско осигурување.

    Жените во работните односи уживаат посебна заштита во случај на бременост, породилно отсуство и мајчинство, некогаш до одредена возраст, а во случај намногудетни семејства и семејства со деца со посебни потреби или деца со специфични заболувања до крајот на работниот век или до крајот на животот. Нашата политичка, а сега и владеачка опција се избори за посебна заштита на жените во елиминација на родово базираното насилство со ратификација на Истанбулската конвенција и носење на закони за заштита од севкупна и родова дискриминација, закон за еднакви можности и имплементација на законите за заштита од мобинг во работните односи и сексуално вознемирување, додевање и следење и демнење.

    Форумот на жените на Социјалдемократскиот сојуз како лидер во државата и регионот во општествените и политичките процеси на јакнење на жените, во напорите за еднакви можности и родово избалансирано општество, се залага и работи на нивна подобра положба во сите општествени сфери, вклучително и сферата на работните односи и правата на работничките, како еден од нашите врвни приоритети. Еднаквиот пристап до сите работни места, елиминацијата на дискриминаторски огласи, интервјуа и деловни политики во кои нема место за жени воопшто или жени кои планираат да раѓаат или мајки на мали деца или жени кои се грижат за стари родители, се наша перманентна определба и заложба. Подеднакви услови за кариера и кариерен развој на жените и мажите се се` уште не до крај освоено поле, на кое работиме заедно со чинителите во јавната сфера и бизнис заедницата. Родовиот дисбаланс на платите е наш актуелен предизвик за елиминација дури и кога се пласира преку суптилно прикриени форми на дополнителна стимулација на машките работници како додатоци на плата, дневници, службени патувања, службени автомобили и телефони и други поволности. Што со можностите за доедукација и образование за време на работа и со можноста за унапредување и усовршување!? Се уште малиот процент на жени раководителки, директорки или менаџерки, особено во приватната бизнис сфера, исто така е предизвик на кој му посветуваме големо внимание и за кој имаме одговор во решенија и модели од понапредните демократии, адаптирани на нашите национални и локалните услови и прилики.

    Во пресрет на уште еден 1 Мај - Меѓународен ден на трудот, гласно прашуваме дали и сега по речиси двесте години, јавноста е поподготвена да го прифати потполно еднаквиот третман на мажите и жените во сите области, вклучително и трудовата, работната!?

    Поподготвена во однос на дел од актуелните машки политичари, машки менаџери, па биле тие десни, централно позиционирани, леви, полеви или само лицемери. Како поинаку да се толкува фактот дека дел од мажите политичари својата родова неосознаеност ја правдаат со неподготвеноста на јавноста за жени лидерки!? Како да се сфати фактот дека и во семејните бизниси, раководната палка полесно се отстапува на машките ВС женските наследници!? Својот прикриен родов шовинизам го пласираат под формата на процедура, која ете тоа им го дозволува, дури и внимавајте-нивно демократско право да мислат и делуваат поинаку, колку и со тоа да ги кршат пишаните или непишаните права на родова еднаквост, квотите или само подеднаквата можност и шанса и жените да се борат и изборат за еднакво место под сонцето!?

    За среќа се' поретка и во процес на исчезнување е оваа сорта на родово несензитивни, дискриминаторско шовинистички и „ мачо“ прагматичари на такви политики и практики, со кои жените ги третираат за деловно неспособни, недозреани и неуки сами да мислат и одлучуваат со сопствени глави, па мораат тие “големите мажи“ и демократи само на зборови, наместо нив да одлучуваат кои жени се подобни или неподобни, кои се доволно способни или неспособни, заслужни или незаслужни, а со нивната патријахална матрица и доволно лични и претставителни, за да ги претставуваат другите жени или да напредуваат било во сферата на политиката, било во кариерата или бизнис сцената, била таа јавна или приватна.

    Затоа драги наши колеги на работа, во политичка партија, невладина организација, во бизнисот или кариерата, помирете се со фактот дека вашето време одамна истече и дека нема да наидете на поддршка ниту од вашите машки колеги и поддржувачи, а камо ли од жените колешки, сопартијки, партнерки или другарки.

    Не можете само декларативно да сте напредни, либерални, легалисти и демократи.

    Или сте „леви“ по ориентација и убедување, кај и да се наоѓате и делувате или сте само, веќе одамна прочитани, лицемери!?

    Пролетери и пролетерки, работници и работнички, работодавачи и работодавачки, политичари и политичарки од сите бои и страни, ОБЕДИНЕТЕ СЕ И ИЗЕДНАЧЕТЕ СЕ!

    Нека овој Први мај биде почеток на една нова ера во еднаквите можности и права на жените и мажите на работа, унапредување, соодветен третман и награда за својот работен, приватен или политички труд и ангажман.


    Атина Мургашанска Координатор на Форумот на жени на ОО на СДСМ на Куманово, Атина Мургашанска

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*