Сигурен сум дека повеќето од нас го пронајдоа парчето од мозаикот што недостасуваше во сликата наречена „Македонија денес“ за да можат конечно со свои очи, а не преку розовите очила на власта, одблиску да ја видат лошата економска состојба, сиромаштијата и стравот кои се наше секојдневие.
Куманово пред неколку дена имаше можност да слушне како нашите „народни„ пратеници се фалат дека успеале со многу напори да обезбедат 3,5 милиони евра за проекти во Куманово. Се прашувам како успеале во тоа кога воопшто никој од нив не учествувал во распределбата на финансиските средства или во утврдувањето на методологијата за распределба. За воља на вистината треба да се каже дека Куманово ќе добие 3,5 милиони евра за изградба на водоводни и канализациони системи од ЕБРД (Европска банка за обнова и развој), а висината на сретствата се одредува врз основа на развиеноста на регионот.Куманово како дел од североисточниот плански регион заедно со Кратово, Крива Паланка, Липково, Ранковце и Старо Нагоричане, и како најнеразвиен регион добива и најголем процент од финансиските средства. Ова го истакнувам бидејќи манипулацијата и „китењето“ со туѓи перја не сакам да стане правило за комуникација со граѓаните, со истите оние кои даваат но и земаат власт. Туку напротив, сакам искреноста, одговорноста и отчетноста да бидат обврска кон гласачите.
Исто така пред неколку денови бевме сведоци на уште еден апсурден настан којшто да не е трагичен би бил многу, многу смешен.Група на граѓани (млади но и постари вмровчиња) протестираа пред Општината против наводните партиски вработувања и непотизам во локалната самоуправа. Па, почитувани мои сограѓани тоа некој си ја брка „мувата“ од сопствената капа. Оваа група граѓани (млади но и постари вмровчиња) преку ова партиска задача се одолжуваат за добиеното работно место или заработуваат работно место во некоја од нашите превработени институции на државата, а всушност сакаа да се прикажат пред граѓаните на Куманово како жртви на локалната власт. Најверојатно ова група граѓани воопшто не е свена дека и самите се жртви на манипулаторите во кумановскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
По овие протести, јас и секој совесен граѓанин на Куманово си поставува логично прашање: Каде беше ова група „независни“ граѓани (млади но и постари вмровчиња) да застане во заштита на избрканите од Центарот за социјални работи во Куманово и да протестира против непотизмот во редовите на ВМРО ДПМНЕ? Сигурно е дека по некое време ќе согледаат дека некој манипулира со нив и тоа со умисла, и нема да им биде доволна само партиската книшка на ВМРО ДПМНЕ (како што мислеа сега избрканите од Центарот за социјални работи, исто така ваши браќа и сестри по партиска книшка) за да останат на работа, туку дополнително ќе мора и да се ќерки, синови, сестри или браќа на моќинците во ВМРО-ДПМНЕ. Единствено така се уживаат плодовите од власта, а таков статус не се добива само преку партиска пристапница.
Последите денови од оваа година ќе бидат запаметени и по новите спектакуларни апсења. На ВМРО-ДПМНЕ со сигурност не и оди добро и колата тргнала надолу, само прашање на време е кога ќе сопре и дали нема да биде целосно скршена. Многу лесно е да се излезе пред избори и да се ветува се и сешто, и со невидена леснотија да се манипулира со граѓаните само за да се задржи и зацврсти власта. Сега исто толку лесно, онака машки треба да се излезе и јавно да се проговори за најголемата сиромаштија и невработеност до сега во државата. До сега преку секаков вид на манипулација со умисла успеавте да се одржите. Но сега џабе Ви е се!Граѓаните на Куманово и Република Македонија ве препознаа, ве разоткрија, бидејќи ви паднаа маските. Онаа што Вие господо манипулатори го практикувате и тврдите дека други се служат со вешта манипулација, за граѓаните е безочна лага.
Граѓаните на Куманово имаат многу истенчен осет и вкус, знаат да препознаат луѓе кои имаат искрени намери за напредок на сопствениот град и подобрување на севкупното живеење. Затоа апелирам да се ослободите од манипулациите и да пристапите без скриени намери кон градот во кој живеете. Само така сите ќе имаме подобра иднина.
Почитувани граѓани, на крајот сакам да Ви посакам среќни новогодишни и божиќни празници, многу здравје, лична среќа и нова власт која ќе ја води Република Македонија напред, по трасираниот европски пат во подобар живот.
П.С. Посакувам 2011 година да биде година на една победа со умисла!
Секретар на Општина Куманово и поранешен пратеник во Собранието на РМ
Оливер Спасовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*