×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Младите во Македонија помеѓу етничкиот и националниот идентитет

    Доц.д-р Марјан Младеновски

    На Балканот државите се изградени како национални, а на развојот на нациите се гледа низ етничка призма. Затоа, многу често доаѓа до испреплетување на етничкиот, националниот, па дури и религиозниот и државниот идентитет. Ваквото испреплетување носи конфузија и општа идентитетска мешаница.

    Македонец, македонски граѓанин, македонски државјанин, македонска националност, етнички Македонец... Постои силна поимно-терминолошка дифузија и кај граѓаните на Република Македонија. Всушност, конструкцијата на македонскиот национален идентитет претставува вистински општествен и научен предизвик. Имено, под поимот Македонец не се идентификуваат сите граѓани на Република Македонија. Ексклузивноста ја има доминатниот етнос секако, но и доминантната христијанска православна религија.

    Покрај субјективното сфаќање за сопствената припадност, објективни елементи на етничкиот идентитет опфаќаат јазик, религија, етногенеза и етничка историја, материјална и духовна култура и слично. Државниот идентитет пак е заснован на постоењето на државен систем и институции, државни граници и територија, правен систем, државна историја итн.

    Како да се одржи и биде функционално едно мултиетничко општество, односно општество во кое егзистираат повеќе етнички групи?

    Имено, мнозинската и малцинските групи немаат заедничка култура, честопати немаат заеднички јазик, но и обичаи, религија итн. Нивните историски сеќавања честопати се разликуваат и создаваат поделби. Тие понекогаш може да имаат заеднички вредности, но тие не се доволни за да се надминат меѓусебните длабоки разлики. Честопати се заглавени во бескрајни прашања како што се уставното уредување, дистрибуцијата на моќта и ресурсите и опсегот на дозволената различност. За еден од главните теоретичари на ова поле, Кумлицка, единствено решение е во развој на чувство на меѓусебна идентификација и охрабрување да се продолжи со желбата да се живее заедно. Во спротивно - општеството ќе се распадне.

    Ако се вратиме на почетоците на независноста на Република Македонија, може да се сложиме дека Уставот на РМ од 1991 год., поаѓајќи од современите фундаментални вредности и следејќи ги западните либерални концепции, се обиде да го помири судирот помеѓу индивидуализмот и колективизмот. На тој начин беше презентиран концептот (македонска) нација - (македонска) држава, во рамки на која малцинствата имаа еднаков граѓански статус и заштита на културниот, етничкиот и верскиот идентитет. Иако Уставот на РМ гарантираше права и слободи на сите граѓани, како и заштита на националните малцинства, периодот кој следеше беше одбележан со постојани етнички конфронтации на релација македонско мнозинство-албанско малцинство.

    Решенијата содржани во Охридскиот Рамковен Договор од 2001 година генерираа огромни промени во правно-политичкиот поредок на државата, особено во делот на малцинските прашања, но и во ставовите и однесувањето на граѓаните. Имено, беа донесени низа уставни промени и законски решенија, се зголеми застапеноста на етничките заедници во администрацијата, но на планот на градење на нарушената меѓуетничката доверба - отсуствуваа ефекти. Иако со одредбите од Охридскиот рамковен договор на големи врати се промовираше Македонија како мултиетничка и мултукултурна држава, во практика се случуваше етничка фрагментација и поделеност во сите сфери од општествениот живот. Покрај позитивните резултати на планот на интеграцијата на етничките заедници, овој модел ја стимулираше етничката заедница како колективен носител на суверинитетот и легимитетот, што влијаеше на етнизацијата на сите подрачја на општеството.

    Повеќе истражувања од релевантни извори укажуваат на силна подвоеност кај етничките заедници во поглед на изградбата на национален идентитет. Самиот автор на колумнава, во рамки на учеството на Меѓународната Научна Конференција „Culture memory“, направи илустрација (и проверка) на ситуацијата на меѓуетнички план преку перцепцијата на состојбите кај младите во Општина Куманово. Општина Куманово беше во фокусот поради достапноста на податоците, но и поради фактот што истата во етнодемографски поглед претставува „Македонија во мало”.

    Притоа беа анкетирани млади лица на возраст 19-22 години, родени по независноста; а целта беше да се утврди влијанието на настаните кои директно се рефлектираа на изградбата на етничкиот, односно националниот идентитет. Истражувачкиот примерок – студенти од 1 и 3 година од Општина Куманово беше креиран врз основа на еден суштински параметар: едната група млади беа студенти на Тетовскиот Универзитет-дисперзирани студии во Куманово (припадници на албанска етничка заедница), а другата група млади беа студенти на Факултетот за бизнис администрација „Евроколеџ“ Куманово (припадници на македонска етничка заедница).

    Ограниченоста на примерокот не дозволуваше извлекување на несоборливи констатации, но секако резултатите се доволна основа за откривање на одделни тенденции на етно односно националното припаѓање на младите (идни академски граѓани) во мултиетничките средини.

    Самите заклучоци од истражувањето нотираат интересни сознанија. Имено, во делот на етноприпаѓањето можат да се согледаат голем број на елементи кои укажуваат на етноидентификација (делумно и на конфузија во поглед на етно/националното) кај младите Македонци, а уште повеќе кај младите Албанци:

    • Младите Албанци преферираат да се нарекуваат само - Албанци (без придавка или додавка која асоцира на Македонија), што укажува дека при именувањето преовладува етничкиот во однос на националниот идентитет.
    • Постои силна преференција на сопствената религиска припадност и кај младите Македонци и кај младите Албанци која уште повеќе ја зајакнува посветеноста на сопствениот етнички идентитет.
    • Младите Македонци (во мултиетничка средина) не чувствуваат никаква потреба од учење на Албанскиот јазик, а младите Албанци се во дилема дали воопшто им е потребно познавање на државниот Македонски јазик.
    • Младите Албанци и Македонци секогаш гласаат за припадник на својата етничка заедница.
    • Младите Албанци како позначајна ја потенцираат иднината на сопствената етничка заедница, отколку иднината на државата Македонија, додека кај младите Македонци постои конфузија во поглед на раздвојување на етничкото од националното.

    Историските настани и личности, државните симболи и државните настапи на меѓународна сцена, меѓу другото ја артикулираат националната свест. Но во оваа насока има целосни разијдувања во ставовите на младите Македонци и Албанци:

    • Младите Македонци, очекувано, на културните и спортските манифестации со меѓународен карактер ја подржуваат својата земја, додека младите Албанци главно навиваат за друга држава (Албанија)
    • Охридскиот Рамковен Договор е најзначаен настан за младите Албанци, додека Независноста на Македонија е најбитен историски момент за младите Македонци.
    • Македонија е држава на сите етнички заедници кои живеат во неа - според младите Албанци, додека Македонија е држава на Македонците/македонските граѓани сметаат младите Македонци.
    • Дека знамето на Република Македонија е симбол на само на Македонците, не и на другите етнички заедници - согласни се и младите Македонци и младите Албанци.
    • Историски најзначајните личности на Македонија се Гоце Делчев и Александар Македонски, според младите Македонци; додека Скендер Бег е најприфатлива личност за младите Албанци.

    Се наметнува впечатокот дека младината во Република Македонија се повеќе се приклонува кон етничкиот наместо кон националниот (државниот) идентитет, што може да генерира далекусежни последици по македонското национално ткиво. Македонскиот национален идентитет треба да биде надетнички, граѓански ориентиран и креиран од повеќе институции. Сепак, предводник на процесот мора да биде политичката елита, чија обврска е да изгради консензус околу државните (националните) интереси и вредности.

    Доц.д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор (ПВПУ Евроколеџ и Универзитет Евро-Балкан) и истражувач

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*