×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Мултикултурализам на македонски начин

    д-р Марјан Младеновски

    Со уставните решенија од 1991 год., а во согласност со актуелните меѓународни стандарди, Република Македонија се обиде да го воспостави концептот „македонска нација - македонска држава“, во рамки на кој малцинствата имаа еднаков граѓански статус со мнозинството и им беше гарантирана заштита на културниот, етничкиот и верскиот идентитет.

    Решенијата, пак содржани во Охридскиот Рамковен Договор од 2001 год. (во време на воен судир помеѓу македонските вооружени сили и албанските екстремисти) генерираа огромни промени во правно-политичкиот поредок на државата, особено во делот на меѓуетничките односи, но и во ставовите и однесувањето на граѓаните. Имено, беа донесени низа уставни промени и законски решенија, се зголеми партиципацијата на етничките заедници во администрацијата, но на планот на градење на нарушената меѓуетничката доверба - недостигаа искрени заложби и ефекти. Согласно нововоспоставениот концепт, Македонија се промовираше како мултиетничка и мултукултурна држава, но во реалноста се случува(ше) етничка сегментација и поделеност во сите сфери од општеството.

    Република Македонија денеска е мултиетничка, мултиконфесионална и мултикултурна земја, со назнака дека културите живеат повеќе „едни покрај други”, не и едни со други. Тоа пред се значи дека постои силна етничка поделеност во сите сегменти на општественото (и секојдневното) живеење, особено меѓу Македонската и Албанската етничка зедница.

    Можеби дел од негативните перцепции за мултикултурализмот се должат на неспремноста на државата да го воведе и промовира на вистински начин. Затоа честопати мултикултурализмот се поврзуваше и сеуште буди асоцијации на меѓуетничкиот конфликт и притисокот за прифаќање од “надвор”. Многумина пак, се убедени дека за продлабочување на јазот најголеми виновници се токму политичарите, кои во борбата за политички поени воопшто и не размислуваат дали создаваат лоша меѓуетничка клима.

    Колку е етаблиран и прифатен мултикултурализмот кај младите во Македонија? И дали етничката и конфесионалната поливалентност на македонскиот културен амбиент е се повеќе дезинтегративен отколку интегративен фактор на целокупниот општествен амбиент во Македонија?

    Реалноста е прилично сурова, особено кога се работи за младите Македонци и Албанци: учениците учат во одвоени училишта, студентите студираат на одвоени факултети, младите излегуваат на посебни места, меѓуетничките пријателства се ретки, а меѓуетничките бракови - вистинско табу. Покрај тоа, присутните негативни етнички стереотипи сами по себе претставуваат предуслов за конфронтации и конфликти. Придружени со потенцирање и глорификација на сопствениот културен и етнички идентитет, се создаваат објективни услови за реализирање на политички манипулации од страна на одделни лидери. Ваквата состојба укажува дека комуникацијата меѓу младите, а со тоа и меѓусебното познавање и дружење е - минимална. А во една релативно мала средина етничкиот соживот е неизбежен, и тие кога - тогаш се упатени да комуницираат во секојдневниот живот.

    Едно истражување кое неодамна го спроведовме за потребите на УСАИД и ФООМ нотираше дека младите во Куманово, генерално, имаат висока фрекфенција на контакти со Македонците, а минимална со Власите и Бошњаците. Етничката структура на перцепциите откри дека со Македонците чести контакти имаат сите, освен Албанците, со кои и Македонците и припадниците на помалите етнички заедници многу ретко контактираат. Веројатно затоа, младите Македонци како најдалечни ги перцепираат Албанците, а како најблиски Србите; додека младите Албанци како најблиски ги чувствуваат Турците (потоа и Македонците), а најголемо ниво на дистанца чувствуваат кон Србите и Власите.

    Истражувањето откри и дека етничките стереотипи упорно опстојуваат и се формираат од „мали нозе“. Притоа, стереотипната претстава за Албанците од страна на младите Македонци изгледа вака: Албанците се сложни, вредни и амбициозни, но и нецивилизирани, агресивни и недружељубиви. Младите Албанци имаат претстава за Македонците како за добронамерни, цивилизирани и едуцирани луѓе, но и луѓе кои се себични, националисти и неавтохтони на подрачјето на Македонија. Според припадниците на помалите етнички заедници Македонците се културни, едуцирани и друштвени; но и луѓе полни со предрасуди кон другите. Припадниците на помалите етнички заедници ги перцепираат Албанците како сложни, борбени и упорни; но и агресивни, некултурни и провокатори.

    Овие констатации (вклучително и другите истражувачки сознанија) посочуваат дека постои висока социјална (етничка) дистанца, особено помеѓу младите Македонци и младите Албанци која е препрека за нивно меѓусебно поголемо поврзување. Фрекфенцијата на контакти и меѓусебното познавање се на ниско ниво, а постоењето на стереотипи и потребите за одвојување со текот на времето се зголемуваат. Хиперболизацијата на разликите од културна, јазична и верска природа од една страна, и минимизирање на меѓусебните сличности од друга страна, креира перцепција дека нашето мултикултурно живеење и во иднина ќе се сведува на состојбата „секој во своето јато“.

    д-р Марјан Младеновски Авторот е универзитетски професор и истражувач, Доц.д-р Марјан Младеновски

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*