×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Нова година

    Дејан Ристов

    Дојде Новата година, 2015-та. Ќе ни треба неколку недели за да се навикнеме на промената, која и не значи многу. Освен годината ништо посебно не се смени. Останавме исти, со нашите животи, обременети со многу желби, надежи и сомнежи поткрепени со многу проблеми, помалку или повеќе реални, некои само предизвикани од нашата несовршеност. Обично овој период околу новогодишните и божиќните празници медумскиот простор се користи за честитки и посакување се најубаво во новата година. Да тоа се подразбира, само доколку е искрено, од се срце, а не само уште една рутина на одамна воспоставениот новогодишен дискурс кој “изобилува” со патетика и лицемерие.Како и да е, мора да бидеме позитивни, секогаш кога гледаме во иднината да располагаме со одредена доза на оптимизам и верување дека ќе бидеме успешни. Овој период сите ги зафаќа одредена еуфорија и потребата за релаксација од напорното секојдневие.

    Во новата година останаа покрај личните, и нашите заеднички проблеми, на нашиот град. Веднаш може да се воочи дека состојбата во Куманово е непроменета, градот делува очајно, со децении стагнира во сите сфери. За миг идиличноста која ни ја донесе новогодишниот снег не одврати од оваа помисла, но и од потребата од суштински  промени. Новата година треба да биде и година на нов почеток, на многу заедничка работа која ќе ги раздвижи работите во градот,секако за такво нешто нужна е масовна мобилизиција на целокупниот креативен потенцијал во општината за да отпочнат промени на сите полиња. Потребна е и волја од сите субјекти, без оглед на нивната етничка,партиска и верска припадност, да се отстранат предрасудите кои не кочат и заеднички да се заземеме за нашиот заеднички дом Куманово. Сите што сме родени тука, што најголем дел од своите животи ги поминуваме во градот, должни сме да преземеме нешто, не се доволни веќе критиките за се и сешто дека,ова не чини, она не е добро,се е катастрофа и слично.Времето како да прелетува! Кога беше 2005-та или пак 2010-та година?!Многу бргу минуваат годините, посебно кога не се случуваат промени,се стои во место,сите, како да чекаат некое чудо да се случи. Никој нема да дојде од страна за да направи нешто за овој град, неговиот опстанок зависи само од добрата волја на неговите жители. Ако го смениме пристапот кон нашиот град, односно ако се ослободиме од нашата крајно лимитирана и ретроградна перцепција за проблемите, која е резултат на хроничната поврзаност со дневна политика, тривијалност и ниски страсти,сигурно ќе има надеж за Куманово.

    Она што најпрвин треба да се  преземе оваа година е секако да се отпочне сериозно да се работи на создавње на перспективи за економски развој на општината. Исто така она што треба да ни биде императив за 2015 година е и почеток на една долга операција за урбанистичко преуредуваање на градот под кое се подразбира и санирањето на штетите што досега се направени како резултат на повеќедецениското “градење”.Потребно е и организирана и долгорочна културна и туристичка афирмација на градот. Има многу работи што треба да се направат, многу празни места да се пополнат.

    Она што исто така според мене ќе биде и суштинско за оваа година е тоа како актуелниот градоначалник ќе се позиционира во врска со овие стратешки потреби на градот. Дали и понатаму ќе дозволи да биде инструмент на деструктивната политика на партиската централа, која не бира средства за освојување на власта или пак како прв човек на градот ќе се дистанцира од таквата политика и сите сили ќе ги насочи за она што му е примарна работа, а тоа е да биде градоначалник на Куманово. Сега е време да расчисти со оваа дилема која се повеќе го следи, затоа што Куманово без градоначалник може само уште повеќе да пропаѓа. До следните локални избори 2017 година има повеќе од две години.Тоа е многу долг период во кој некои клучни процеси меѓу кои и оние кои ги наведов мора да почнат да се случуваат, бидејќи никој нема веќе време за чекање. Затоа е и пораката, градоначалникот што поскоро да се огради од некои од своите соработници во партијата, кои безусловно го следат концептот на Зоран Заев на локално ниво, без при тоа да водат грижа за последиците кои ги трпи градот и државата. Тоа ќе му овозможи отворање кон другите политички субјекти и градење на можности за нивно суштинско партиципирање во креирањето на политиките на градот. Она што треба да се напомене е дека односот кој го има кон ВМРО-ДПМНЕ, како најголема политичка организација, треба да се промени и да почне да се развива во конструктивна насока за доброто на сите во градот. На крај би сакал да истакнам дека кога пишувам за нашето Куманово, мислам и за татковината, Република Македонија. Македонија за нас почнува од нашиот град. Успешно и развиено Куманово значи силна и просперитетна Македонија. Повторното издигнување на Куманово како Феникс, ќе претставува прекрасен чин со кој ќе ни се врати нашата гордост како кумановци. Среќна Нова 2015-та година.

    Дејан Ристов Дејан Ристов, политиколог

    *Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*