Нови избори за нов почеток

Дејан Ристов

Полека но сигурно навлегуваме во предизборен период,иако има уште 7 месеци до изборите,предвидени за 24-ти април 2016-та година.Актуелната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ на изборите 2014-та година доби мандат за 4 години да спроведе над 2000 проекти и конечно во еден цел мандат да воспостави стабилни основи за севкупен развој на државата.Привлекување на странски инвестици и експанзијата на домашните фирми,зајакнување на капацитетот на институциите,јасен реформски курс во сите сфери ,сето тоа беше приоритет и имаше резултати ,но сепак други работи а не ефектите од остварувањето на ветувањата беа клучни за политичката криза и за нови предвремени избори.Постојано избори ,влеговме во изборен циклус кој нема крај.Никогаш порано не сме имале таква  можност за краток период да гласаме толку многу.Добиваме често шанса ,но како гласот се помалку да важи за тоа што ќе се случува ,какви политики ќе се спроведуваат и кој ќе управува со државата.Цела година сме бомбардирани со многу изненадувања ,настани кои не се нормални,кои секојдневно не вознемируваат и прават да се чувствуваме несигурни.Неизвесноста е насекаде ,тешко нешто да може да се предвиди ,на пример што ќе се случува до Нова година или понатаму.СДСМ одамна го изгуби контактот со граѓаните,прашање е дали некогаш воопшто имале нормална комуникација.Деновиве,откако се вратија во Собранието ,може да се забележат, како некако во налет ,демонстрираат ароганција и нескриена дрскост убедени дека мошне брзо ќе се вратат на власт.Длабоко веруваат дека имаат поддршка од меѓународната заедница ,дека конечно работите се на нивна страна и дека тие се фаворити за победа на изборите.Според нив штом се такви работите ,народот тоа ќе го препозне и ќе им даде поддршка.Истиот народ кој со години го прават недоветен затоа што дава поддршка на политиките на ВМРО-ДПМНЕ,кој не препознава во СДСМ партија која се бори за националните интереси и партија која има разбирање за потребите на граѓаните.За СДСМ и нивните блиски интелектуалци народот е без свест ,со поматен ум и затоа нивна мисија прво ќе била да ги освестат и да кажат што  е најдобро за нив.Толку да се навредува својот народ е неразбирливо,не може никако да се објасни освен како резултат на некаква тешка фрустрација предизвикана од дефицит на реален контакт со реални луѓе.Голем дел од политичката елита предводена од СДСМ во државата не знае, а и не сака да дознае, како изгледаат нормални луѓе ,кои се нивните проблеми,со кои предизвици се соочуваат нивните семејства,ништо од тоа.Едноставно тие однапред знаат,за нив нема потреба од личен контакт,од разговор,од слушање и разбирање.Тие се сигурни и веќе имаат подготвено решение, според нив само тие ја имаат  способноста да одлучуваат, бидејќи го имаат достигнато највисокото ниво на свест за кое ние обичните смртници може само да сонуваме.Наводната рационалност со која сакаат да се прикажат најмногу потфрлува кај политичките потези што ги прават а кои се штетни за граѓаните и државата.

Од тука произлегува нивното кокетирање со меѓународната заедница,пред се со ЕУ и САД,отвореното барање на патронство, свесно ставајќи се во служба на луѓе кои штитат интереси на други држави, не на Република Македонија.Некогаш тие интереси се поклопуваат со нашите,но понекогаш воопшто не ни одговараат.СДСМ како политичка партија од Македонија треба секогаш пред себе да го има  националниот интерес а не партискиот кој очигледно  претставува само гола борба за власт и привилегии.За нив народот воопшто не битен.Што размислуваат граѓаните,какви ставови имаат,со кои проблеми се соочуваат за СДСМ е ирелевантно.Единствено СДСМ ги интересира што Македонија политички,безбедносно а во еден дел и економски е дестабилизирана.По нивното веќе застарено сценарио народот треба да биде исплашен и гневен,вината да ја бара во ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груeвски а во целата приказна СДСМ да се покаже како најстабилен политички субјект кој има поддршка од западните сили и затоа под итно треба да  му  се даде власта, за да ја врати државата во нормала.Поразителен факт е дека СДСМ не се менува а нема ни таква намера,решени се да продолжат по старо.Од тука и игнорантскиот однос кон сите иницијативи за решавање на политичката криза.Секој може да види дека нивните барања стануваат се порадикални,нерешливи и крајно  нереални.Сиве овие месеци тормозење од нивна страна,успеаја да не дефокусираат од важните теми и да ги сведат државните институци на нивото на  вештачки предизвиканата криза.Наместо со полн капацитет да се пристапи кон следење и координирање на бегалската маршрута и да се формулира заеднички   одговор на промените во   регионот и глобално,ние гледаме како огромна енергија се троши на домашни тривијални работи во најголем дел создадени од СДСМ.Мора да се променат приоритетите но и политичките односи во државата.Следат нови предвремени парламентарни избори,нова надеж за нов почеток.Се надевам дека СДСМ ќе извлече некаква поука од ова, и дека конечно ќе почне да функционира како нормална политичка партија.

Дејан Ристов-политиколог, Секретар на ОК на ВМРО-ДПМНЕ-Куманово

*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*