Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов освои 534.910 гласови, додека пак Стево Пендаровски предложен од СДСМ и коалицијата 398.077. Она што посебно не интересира е резултатот во Куманово, каде ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата добија поддршка од 20.467 граѓани, наспроти 15.158 кои гласаа за СДСМ и коалицијата, додека пак, помеѓу претседателските кандидати односот беше 22.897 на 22.505 со предност на Ѓорге Иванов. Резултатите се мошне важни, затоа што истите иницираат на одредени заклучоци и насоки, по кои ќе се одвива политичкиот живот во Куманово и кои се од суштинско значење за иднината на градот. Првичниот впечаток е дека, долгогодишната неодговорна и крајно штетна политика на СДСМ во Куманово е санкционирана од страна на граѓаните. Овие избори уште еднаш потврдија, дека Куманово и дефинитивно не е бастион на СДСМ. Куманово не е бастион на ниту една партија, затоа што тука живеат луѓе кои имаат јасно изградени ставови и погледи за иднината на својот град и држава, и секоја намера таа нивна волја да биде инструментализирана или пак присвоена од било која партија, завршува со неуспех. Големата поддршка што ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ, покажува дека во оваа партија препознаваат луѓе, кои вистински ќе ги застапуваат нивните интереси и достојно ќе ја извршуваат функцијата пратеник во Собранието на Република Македонија. Изборите во Куманово беа фер и демократски, граѓаните слободно одлучуваа без никакви притисоци и закани, за што говори и недостигот од било какви приговори во текот на изборниот ден, но и пред тоа, а секако најмногу за легитимноста на изборниот процес верификација дава и самиот резултатот кој е рефлексија на моменталното расположение во градот. Граѓаните на Куманово направија разлика и не дозволија да бидат изманипулирани и заплашени, јасно и недвосмислено одлучија масовно да излезат и да го кажат своето мислење.
Во Куманово се случи очекуваниот пресврт. СДСМ не може повеќе, самобендисано да парадира и да се фали дека граѓаните на Куманово, секогаш во мнозинство ќе им ја даваат подршката, без оглед на тоа што прават тие на политичката сцена. Овој пат се случи едно пријатно изненадување и освестување за сите нас, граѓаните со својата одлука јасно ставија до знаење, дека немаат намера да гласаат за една ригидна, корумпирана и антикумановска политика која има огромна одговорност за пропаѓањето на Куманово, и која претендираше да победи на изборите и значително да се преслика на централно ниво. Повеќе не поминуваат оправдувањата на СДСМ за нереализираните проекти, за нерешените комунални проблеми, чија реализација со години се пролонгира, разните изговори за неефикасноста и отуѓеноста на локалната власт, а сето тоа зачинето со интезивна негативна кампања кон главниот политички противник. Кумановци на оваа непристојна и негаторска кампања одговорија со разум и демократска зрелост, која резултираше со масовен одзив. Тие, со огромната поддршка што ја демонстрираа, многу ги задолжија своите фаворити на овие избори. На виделина излегоа многу надежи и очекувања дека на Куманово му претстои посветла иднина, дека Куманово ќе отвори нова страница од своето постоење, дека следува период на развој и поголемо внимание и ангажман за потребите на градот од сите релевантни политички фактори во нашата држава. Во оваа кампања, доминатна улога имаа економските теми и затоа сите со полно право очекуваат Куманово, конечно да блесне на инвестициската мапа на Република Македонија, да прерасне во голем економски и културен центар, за што ќе биде потребно многу работа, многу труд за повторно луѓето да доживеат егзистенцијална и духовна сатисфакција, а за тоа да не мораат да го напуштаат градот. За такво нешто, потребни се луѓе со интегритет и кредибилност својствена само за најдобрите, кои ќе бидат подготвени за оваа мошне одговорна но и благородна мисија. Овој пат таквите луѓе ја добија подршката од граѓаните со 20.467 гласови или 5.309 повеќе од главниот опонент СДСМ. Пораката е пратена, следува период во кој ќе се бараат многу одговори, период на нова енергија и безрезервно залагање, се со цел да се оправда довербата.
Политиколог, член на ВМРО-ДПМНЕ
Дејан Ристов
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*