Ракавицата е фрлена - одиме на избори! Дојде време да се подвлече линија и да се покаже кој колку направил за овој град. Да се изнесе на виделина, кој реално, а кој виртуелно, работел во интерес на граѓаните. Да се погледне во очи на гласачите и да се признае искрено, кој колку се заложил за овој наш, напатен народ и град.
СДСМ на овие избори нема да го има тој проблем, затоа што го дава својот максимум во секоја сфера од општественото живеење, но се прашувам со кои очи тоа ќе го сторат нашите политички опоненти. Оние, кои што со години наназад ништо не направија, освен што плукаа по тоа што ние го работевме, ги блокираа и бојкотираа сите наши проекти, само да покажат дека локалната власт е неспособна да го исполни она што го вети на изборите. Со што ќе се пофалат пратениците, секретарите, директорите на државните институции, раководителите на подрачните министерства, што добро тие направија за кумановчани?
Ќе ја посветам оваа колумна на моите некогашни колеги - пратеници, кои сакам јавно да ги прашам, колку пати собраниската говорница ја искористија за да ги актуелизираат проблемите на граѓаните, кои им го дадоа мандатот да ги претставуваат во Собранието? Дали, воопшто, некогаш како народни избраници, Македонци и Срби од изборната единица два, а беа четворица од коалицијата „За подобра Македонија„ се спротивставија на програмите што ги предлагаше Владата, а во кои Куманово никаде го немаше? Ќе кажат ли како можеа постојано да молчат и ниту еднаш да не го дигнат својот глас пред омаловажувањата на најголемата Општина и нејзините граѓани, кога при делењето на „колачот„ нивниот град добиваше ронки, а вмровските општинички големи залаци. Каде е моралната и професионалната одговорност на овие луѓе, кои дозволија 5 години Куманово да трпи само затоа што не ја дава локалната власт на вмровската елита? Ме интересира, ги гризе ли некогаш совеста дека со казнувањето на сдсмовците ги казнуваа и вмровците, што трчаа и гласаа за нив и им го обезбедија пратеничкиот мандат и удобниот живот?
Се освестија ли дека заради тоа ги изгубија локалните избори пред две години, откако дозволија личните и партиски интереси да им ги надвладаат моралните вредности. Народот ги прочита, ги разоткри нивните финти и манипулации, и на своја кожа ја почувствува нивната ароганција. Затоа, сега не им веруваат во случајното предизборно поефтинување на бензинот, бидејќи многу појако во меморијата им е врежана леснотијата со која ги вработуваат своите синови, сопрузи, сестри, сосетки и керќи, а отпуштаа професионалци. Искористените шанси за вработување на потесните семејства, по се изгледа ќе им бидат единствените успеси што ќе го внесат во своето политичко Си-Ви. Но, во народот секако ќе бидат запаметени и по препотентноста, по лапсусите и дремењето во собраниските клупи, по најмалиот број дискусии, а за некои не сум сигурен дека воопшто ќе се знае каде го губеле времето.
И се би било в ред, ако овие луѓе сега би заминале во историјата. Да се соберат, и така незаблежано, како што си ги истуркаа овие три години во парламентот, да си признаат дека толку им е капацитетот. Да остават простор за луѓе кои ќе внесат нови идеи и борбеност во остварување на подобра позиција за својот град. Но, замислете, тие истите се подготвуваат повторно, бесрамно да ја бараат довербата на граѓаните, потценувајќи го нивниот интелектуален капацитет. Притоа, се прокламираат како водачи на фронтот.
Тие, истите, кои заедно со нивниот ментор, во еден друг состав го расплакаа Куманово. Ги ставија граѓаните на колена со криминална приватизација и лични богатења. Ги избришаа од мапата на индустриски и стопански гиганти, КИК , ЗИК, ДИЕР, КИБ, Жито-Мел, Бисерка, Печатница, Полет, Југ-Турист, Искра, Козјак, Клечовско стопанство и многу други. Создадоа армија на невработени луѓе, кои живеат под секое човечко достоинство. Сега, тие, истите, ги убедуваат дека ќе ги спасат од тешката економска состојба и ќе им обезбедат подобро утре.
Се прашувам, дали некој мисли дека кумановци не разбираат доволно или дека се со кратко паметење? Јас сум убеден и силно верувам во Куманово, бидејќи од тука поаѓале и секогаш ќе доаѓаат најпрогресивните идеи за оваа држава.
Почитувани мои сограѓани, сега е моментот да се одолжите за омаловажувањата, потценувањата, за поскапиот леб и за мизерниот живот. Вие ја давате власта, Вие ја земате власта. Дојде време маалските маргиналци да ја завршат политичка кариера и да се вратат таму, каде што припаѓаат.
Секретар во Општината Куманово и поранешен пратеник на СДСМ
Оливер Спасовски
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*