Мината недела поради некои приватни обврски отпатував за Битола. Овој прекрасен македонски град го немав посетено повеќе од 10 години и сеќавањата за неговиот изглед и убавина ми беа по малку избледени.
Обично велат првиот впечаток е најважен, особено кога за прв пат ќе посетиш некое место (или во мојот случај после подолго време), поради што морам да признам дека бев пријатно изненаден.
Да тргнам по ред. Влегов во градот, поминувајќи низ две раскрсници регулирани со кружен тек, за да стигнам во строгиот центар за неполни 2 минути. Сабота напладне, а не поминав низ класична кумановска голгота на возење автомобил низ гужвата по улиците. Чудно, но си викам ајде, сигурно сум имал среќа. Ја паркирав колата на уредениот паркинг пред хотелот “Епинал” и со девојка ми тргнавме во прошетка низ Широк сокак. Како одевме, погледите ни шетеа лево десно и со одушевување ја коментиравме староградската архитектура. Кафулињата и дуќаните беа убаво вклопени во целокупниот простор, поради што и кај луѓето се чувствуваше некоја опуштеност и задоволство.
Не сум сигурен дали беше во прашање локал патриотизам, завист или нешто трето, но гледајќи го сето тоа ми се моташе во глава една мисла. Како мојот град го допре дното? Како Куманово од еден модерен индустриски град со богато минато стана ваков сив и безличен град? Зошто ние не го искористивме потенцијалот и прекрасната архитектура на старото градско јазгро на кое старите кумановци некогаш беа горди? Наместо обнова на старите куќи на улиците Ленинова, Иво Лола Рибар или Чоробенско ќоше, немарот и неспособноста на градските власти ги направија овие места опасни по живот. Без претерување, навистина станаа црни точки во градот. Луѓето во широк лак ги заобиколуваат некои од куќите од страв баш во тој момент да не се срушат врз нив. Изговорот на градскиот татко е дека општината нема ингеренции поради тоа што сопственците се физички лица. Би го прашал градоначалникот:
-“Кој сопственик на некоја од куќите нема да се сложи доколку општината му понуди обнова и реставрација на објектот?”
Сопственикот на куќата ќе добие објект со зголемена пазарна вредност, а граѓаните на Куманово убав и среден центар на град. Ќе каже секој WIN – WIN ситуација. Да, добитна комбинација за сите, но не и за градоначалникот и луѓето околу него. Нема пари во тоа драги сограѓани. Каков бенефит имаат ако ти шеташ по центарот на градот и се чувствуваш убаво? Што корист имаат ако не дај боже привлечат некој турист во градот?
Поарно е вака. Сруши се што е старо, помогни на инвеститор близок до тебе да го купи земјиштето, среди му ја експресно документацијата за градба на висококатница и на крај од продажбата на станови и дуќани сите инволвирани среќни и задоволни. Многу едноставно.
Да се вратам на впечатоците од Битола. Завршивме со прошетката и седнавме во едно од кафулињата на Широк Сокак да испиеме кафе. Набргу следуваше уште едно пријатно изненадување. Во рок од 30-тина минути поминаа 2 групи странски туристи (секоја броеше 20-30 луѓе) кои ги гледав како шетаат и се сликаат покрај црквата, џамиите, фонтаната и куќите. Толку беше редок призор за мене што морав да го прашам пријателот од Битола што седеше со нас да ми каже од кај сега странски туристи во Битола? Одговорот беше дека се честа слика во градот, особено во летниот период. Според кажувањето, најмногубројни се од Грција и Турција (станала популарна дестинација меѓу Турците по снимањето на серијата “Збогум Румелија!?”). Знам звучи смешно, ама важно имаат некоја приказна која можат да ја продадат.
Истиот ден тргнав назад за Куманово и во колата нормално отворивме дискусија за впечатоците. Моето прво прашање беше:
-“Еве некој странски турист залута во Куманово”? “Каде би можел човек да го прошета, а да не почуствува срам”?
Да тргнеме од влезовите на градот. Ако дојде со автобус, прва слика од градот ќе му биде автобуската станица. Хорор филм. Застанала во времето минимум 50 години. Железничката станица нема ни да ја коментирам. Нека му е со среќа на тој што решил со воз да дојде во Куманово. Доколку реши некој да дојде со автомобил најголема веројатност е да се исклучи од автопатот и преку надвозникот да се приклучи или кон Трета МУБ или кон улицата 11 Октомври. По која и од улиците да тргне го чека возачки предизвик (особено ако вози преку ден). Паркирани возила на сред улица, дупки на сите страни, семафори кои не работат, необележани пешачки премини, ти излетуваат коли и луѓе од сите страни... Со еден збор - хаос !!! Многу пати ќе чујам од соговорник што тазе има земено возачка дозвола, дека избегнува да вози во Скопје поради страв од густ сообараќај. Секогаш им го велем истото. Ако се снајдеш да возиш по Куманово, сегде ќе возиш без проблем. Не знам, на некој што прв пат доаѓа во градот, сево ова можеби ќе му изгледа егзотично и интересно, ама на сите нас кои живееме овде и секојдневно го преживуваме истото, дојдено ни е преку глава.
Следна фаза. Доаѓа туристот во центарот на градот и сака да се смести во некој хотел, да преспие. Богами ќе има проблем да најде сместување. Освен неколку мотели (кои сакаат да се нарекуваат хотели) чие работење се заснова на изнајмување соби од саат, немаме репрезентативен хотел кој може да понуди сместување за поголема група на луѓе. Уште една срамота за град од преку 100.000 жители.
И покрај сите перипетии, безимениот турист решил да остане во градот и изразил желба да прошета и се запознае со знаменитостите на градот. Што би му препорачале? Спомен Костурница одамна напуштена и запоставена, без никаква содржина која би можела да привлече нечиј интерес. Менкова Колиба ќе му ја понудиш ако сакаш да закачи некоја зараза. Стара Бања иста состојба. Валкано, несредено и со бодликави жици оградено. Затоа може едно “Tour de Kumanovo” да му понудиме. Кругче околу градот со кола. Да му покажеме колку убави згради имаме направено, зашто фала богу само тоа се и има градено последниве 20-тина години.
За немањето на едно барем едно пристојно јавно WC во градот, ич муабет да не правиме. Толку е депласирана темата, што е понижувачки и да се спомнува воопшто. 25 години СДСМ го управува градот, јавен тоалет не најдоа за сходно да направат. Што повеќе да пишувам во врска со (не)работењето на локалната власт, кога немаат капацитет да решат ваков банален проблем на граѓаните.
За проблемите на градот можам фељтон да почнам да пишувам и пак нема да биде доволно. Една работа не ми е јасна. Како дозволивме, Ние граѓаните на овој град, една власт, едни исти луѓе, 25 години систематски да го уништуваат Куманово. Од просперитетен, напреден град, станавме зафрлена касаба. Само личен интерес и ништо друго не ги интересира. Па и специфичниот дух, хуморот, културата и урбаноста со која се гордеевме почна да се губи. Фестивалите со рок, џез и транс музика ги заменија со јавни концерти на Северина, Тропико бенд и слични произведувачи на какофонии. Но за нивото на некултура која ни ја сервираат, се надевам во друга прилика. Бидете поздравени.
Александар Стојановски Александар Стојановски, Портпарол на ОК на ВМРО – ДПМНЕ Куманово
*Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на KumanovoNews. Затоа KumanovoNews не сноси одоговорност за содржината на истите.*